Во сите десет основни училишта во Карпош започна новата учебна 2020/2021 година. Со почитување на протоколите за заштита од Ковид – 19, денеска се одржа прием на 698 првачиња на територија на Карпош, а учениците до трето одделение започнаа и со настава со физичко присуство.

 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев заедно со министерката за образование и наука, Мила Царовска и претседателот на Владата, Зоран Заев утринава беа во посета на ООУ „Јан Амос Коменски“ во Тафталиџе.

 

Тие имаа можност да видат како се одвива настава со физичко присуство, онлајн час, а потоа присуствуваа и на првиот училишен час на првачињата.

 

Градоначалникот Богоев во своето обраќање истакна дека оваа учебна година навистина е нов почеток за целото општество. Одговорноста за безбедниот тек на наставата е кај сите нас. Тој упати пораки до учениците, наставниците и родителите:

 

  • Секој ги памети деновите од првиот училишен ден, а оваа генерација на ученици ќе биде запаметена како темел на новиот образовен систем. Како генерација која во ек на криза го трасираше патот кон едно поинакво, дигитално и европско образование.

Овој период, наставниците се многу повеќе од просветни работници. Убеден сум дека и преку онлајн начин на настава ќе ги научите учениците на добро поведение. Ќе ја стимулирате нивната креативност, но и ќе ги научите на други вредности: да бидат хумани, солидарни, отворени, да сочувствуваат, рече Богоев.

 

Во завршниот дел тој истакна дека во период кога светот бара вакцина против Ковид – 19, образованието е најдобра „вакцина“ против омразата, поделбите и сиромаштијата.

 

Министерката Царовска посочи дека е направен децениски скок во образованието и обезбедена е платформа која обезбедува поквалитетно следење на онлајн наставата.

 

За учениците кои немаат компјутер постои можност да следат настава на Националниот радиодифузен сервис или да добиваат материјали од училиштата.

 

Претседателот на Владата, Зоран Заев посочи дека во најголем дел училиштата се подготвени за оваа нова учебна година. Тој ги повика граѓаните и целата јавност на зголемена солидарност и разбирање во периодот којшто следи, затоа што Ковид – 19 пандемијата наметна нов начин на образование, на живот во цел свет.

 

Општина Карпош на сите ученици, наставници, административно – технички кадар и родители им посакува среќна и успешна година.

Локалната самоуправа продолжува со поддршката за сите десет основни училишта. На вчерашната седница на Совет се донесе и новиот ребаланс на Буџет, со кој се одвојуваат повеќе средства за хигиена и дезинфекција во воспитно – образовните установи, но и повеќе пари за ИТ поддршка на наставниците.