Учениците и професорите од збратимените училишта „Јахја Кемал“ од скопски Карпош и „Образовни центар“ од Плужине (Црна Гора) кои се дел од заеднички проект на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), остварија неофицијална средба со градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Во рамки на денешниот состанок, присутните го информираа првиот човек на Општината за димензијата на проектот кој промовира помирување, доверба, соработка и дијалог во Западен Балкан преку активности кои ги зближуваат младите од регионот, преку програми за младинска размена. Поточно, средношколците од Карпош во мај годинава беа во пријателска посета кај своите црногорски соученици од збратименото училиште во Плужине. Во таа пригода тие заедно подготвија рачни изработки кои потоа ќе ги продаваат во Скопје, а средствата подоцна ќе ги донираат на загрозените семејства од Украина.

                Инаку, Регионалната канцеларија (RYCO) претставува независно функционален институционален механизам којшто е основан од шесте земји од Западен Балкан (ЗБ 6): Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија и истиот е финансиран од владите во регионот, а добива поддршка од ЕУ и други донатори.

На средбата се констатираше дека од особена важност е што младите од регионот, преку конкретни проекти се директно инволвирани во процесот на градење мир и зајакнување на нивната улога во општеството. Притоа, присутните донесоа заклучок дека земјите од Западен Балкан треба да се залагаат кон градење на граѓанско општество, кое во своите пошироки рамки ќе стимулира регионална соработка и интеркултурно учење преку создавање на простор за заемен дијалог.

На состанокот, средношколците се информираа од Јакимовски, какви активности поврзани со младите и мирот презема Општина Карпош, каква поддршка дава локалната самоуправа на младата популација, а исто така спонтано произлезе и предлог за осмислување на проект, во кој би биле инволвирани младите од Македонија и Црна Гора.

RYCO е единствената меѓувладина организација која се занимава со градење мир, помирување и соработка во регионот преку програми за размена на млади. Основана е од шесте влади на Западен Балкан во јули 2016 година во рамките на Берлинскиот процес. Програмата на RYCO се фокусира на создавање можности за младите луѓе да се вклучат во активности кои градат меѓусебна соработка во рамки на граѓанските, социјалните, образовните, културните и спортските домени. RYCO иницира и учествува во креирањето политики и се залага за реформи, а во таа насока го поддржува и развојот на политичкото и социјалното опкружување кое ја олеснува размената на младите.