СПОРТСКО – АДРЕНАЛИНСКИОТ ПАРК ВО КАРПОШ ПРЕД ОТВОРАЊЕ
- август 18, 2020
- 0
Завршен е содржинскиот дел од Спортско – адреналинскиот парк во Карпош, при што деновиве се очекува да се изврши технички прием и пуштање во употреба на оваа зелена и рекреативна зона.
По тој повод денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска и раководителот на Секторот за соработка при Мисијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертолини, направија детален увид на состојбата на паркот.
Минатиов период се одржаа и потребните обуки на лицата кои ќе бидат задолжени за адреналинскиот дел. Имено, претставници од Македонската спортска – качувачка федерација поминаа тридневна обука, под мониоторинг на сертифицирана фирма според EN 15567 стандардот. На овој начин, се гарантира безбедноста на граѓаните кои би се рекреирале во адреналинскиот дел.
Градоначалникот Богоев истакна дека во паркот се засадени и 70 висококвалитетни дрвја, украсни растенија, а поставен е и систем за наводнување.
- Целосно се промени ликот на овој потег. Кај спортско – качувачката карпа, денеска имаме и адреналински дел, игралишта за фудбал и одбојка на песок, детско игралиште, сквер, обновен скејт парк и нова урбана опрема (клупи за седење, корпи за отпадоци, локери за велосипеди и лед осветлување). Нашиот фокус е и целосно раззеленување на делот до бунарите на реката Лепенец, до мостот „Газела“, со што целосно ќе се заокружи овој потег, рече Богоев.
Вицепремиерката Царовска посочи дека Владата и понатаму ќе продолжи да ги поддржува локалните самоуправи. На овој начин, со ваков тип на проекти се создаваат уште подобри услови за живот и рекреација на граѓаните на Скопје.
Преку Спортско – адреналинскиот парк на многу конкретен начин гледаме што значи Европската унија. За овој проект, Општина Карпош доби грант од ЕУ, кој се спроведува преку Единицата за спроведување на Проектот за локална и регионална конкурентност и Светска Банка.
Во оваа пригода, Бертолини напомена дека ЕУ не се занимава само со аспекти од законодавството и процедурите, туку тие работат и на реално подобрување на квалитетот на животот на луѓето.
- Спортот е најдобар начин за поврзување меѓу луѓето, а тука имаме можност и за доза адреналин. Повикувам на одговорно користење на овој парк, истакна претставникот од Мисијата на ЕУ во Скопје.