СПОРТСКИ ЕКО ИГРИ
- април 30, 2026
- 0
Во општинското основно училиште „Христијан Тодоровски Карпош“, на игралиштето Сокол, се одржаа спортски ЕКО игри со хуманитарен карактер. На настанот учествуваа ученици од второ до деветто одделение, кои низ шест различни полигони, организирани со ротација, имаа можност да ги покажат своите спортски вештини, тимски дух и натпреварувачка енергија. Настанот имаше и хуманитарна цел – средствата собрани од настанот ќе бидат наменети за уредување на училишниот двор, простор кој е од големо значење за рекреација, спорт и реализирање на ученички активности.
Публиката беше бројна и исполнета со ученици, родители, наставници и сите оние кои сакаа да бидат дел од оваа прекрасна атмосфера и да го почувствуваат детскиот спортски дух. Организацијата беше реализирана од тимот наставници по физичко и здравствено образование, во соработка со наставници-соработници, а целиот настан беше поддржан од директорката на училиштето и целиот колектив. Голема благодарност до сите ученици кои учествуваа, како и до нивните родители за поддршката и довербата. Продолжуваме заедно да соработуваме, организираме и градиме безбедна, уредена и еколошка средина за нашите најмили.









