СПОРТОТ Е НАЧИН НА ЖИВОТ
- септември 15, 2020
- 0
Во минатото, спортот, во најголем дел претставуваше само физичка активност. Можност за рекреација, губење килограми, подобар физички изглед. Истите карактеристики ги има и денес, но со додадена вредност.
- Спортот е повеќе од физичка активност, тоа е начин на живот. Денеска спортуваме за и психички да бидеме постабилни, за момент да се ослободиме од работните обврски, да бидеме посреќни и покомплетни личности, изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев на денешната јавна дискусија „Спорт за развој – спорт за сите“, во организација на локалната самоуправа, здружението „ТАКТ“ и ГИЗ (германско друштво за меѓународна соработка).
Имено, Општина Карпош е дел од локалното партнерство со „ТАКТ“ и ГИЗ, за проектот „Спорт за развој – спорт за сите“, преку кои за развој преку спорт се обучуваат професори по физичко образование, служби на администрацијата и младите.
Во рамки на дискусијата се обрати и Магдалена Спасовска, извршна директорка на „ТАКТ“, која ја истакна успешната соработка со општината, општинските основни училишта и наставниот кадар. Спасовска ги истакна обуките кои беа спроведени во изминатиот период, а најави и нови активности, преку кои младите ќе имаат повеќе можност за спорт и рекреација.
Основната цел на проектот е да се обучат лица за спорт за развој, што претставува метод за учење и стекнување на социјални вештини преку спорт, но и нешто што стимулира одговорност кон заедницата.
Локалната самоуправа во повеќе наврати ја покажува својата определба за адаптација на јавниот простор за потребите на сите граѓани. Затоа беа направени и инклузивни игралишта во Влае 2 (до „Делфина“ ) и во Карпош 2 (на ул. „Веселин Маслеша“), каде што реквизитите се прилагодени и за децата со попреченост. Исто така, на 11.000 м2, креиравме нов спортско – рекреативен центар во дворот на ООУ „Лазо Трповски“.
На дискусијата се обрати и Димитар Ѓорѓиев, светски шампион во кик бокс, кој зборуваше за важноста од практикување на спортски активности.
Настанот го модерираше Емилија Арсовска, раководителка на Одделението за образование при Карпош, која на крајот им се заблагодари на присутните за учеството во дискусијата и истакна дека Карпош ќе продолжи да биде предводник во делот на спортот и унапредување на развојот на младите.