Општина Карпош е активен учесник во меѓународниот проект „FAIR GAME: Gender-equal Access to Movement and Exercise“, кој официјално започна во рамки на  дводневната конференција, која неодамна се одржа во Општина Пеќ. Инаку, оваа косовска општина е водечки партнер во проектот кој е финансиран од Европската Унија, во рамки на програмата CERV (Citizens, Equality, Rights and Values Programme) и истиот обединува општини и организации од повеќе европски земји. Покрај Општина Карпош, партнери во проектот се и организации и институции од Италија, Португалија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, како и меѓународната организација АЛДА.

                Во таа насока, претставниците од Секторот за развој од Општина Карпош, Александра Теова и Роберт Јанковски активно учествуваа во работните сесии и дискусии, разменувајќи позитивни искуства и добри практики на европско ниво. Целта на проектот „FAIR GAME“ е промоција на родовата еднаквост во спортот, како и зголемување на учеството на жените и девојките во физички активности. Оваа активност ќе се реализира преку зајакната меѓународна соработка, размена на успешни модели и креирање на инклузивни политики на локално ниво.

                На отворањето на конференцијата, директорката за култура, млади и спорт во Општина Пеќ, Џенет Сика, ја нагласи важноста од системска поддршка за еднаков пристап до спортот за сите.

                Во текот на конференцијата беа разгледани клучните предизвици и локалните бариери со кои се соочуваат жените и девојките при вклучување во спортски активности, како и европските перспективи и најдобрите практики презентирани од меѓународните партнери. Особен акцент беше ставен на улогата на локалните институции во креирање и имплементација на инклузивни политики. Со своето учество, Општина Карпош ја потврдува сопствената заложба за промоција на еднаквоста, инклузивноста и динамичниот животен стил, како и за активно учество во европски иницијативи кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.