СО УМЕТНОСТ ПРОТИВ ПРЕДРАСУДИ
- мај 19, 2016
- 0
По повод завршницата на заедничкиот проект ,,Art of breaking limits’’ помеѓу ЈУ ,,Завод за рехабилитација на деца и младинци- Скопје’’ ООУ ,,Аврам Писевски’’ од Општина Карпош, ООУ ,,Рајко Жинзифов’’ од Општина Чаир и Дневниот центар за лица со церебрална парализа од Скопје, денеска во аулата на Филозофскиот факултет во Скопје беше отворена изложба од цртежи и мали скулптури.
На неа учесниците во партнерскиот проект ги претставија своите дела кои ги создадоа во рамките на ликовните работилници. Целиот проект има за цел преку уметноста да се формираат врски помеѓу децата од различна возраст, со различни способности и различна културна и етничка припадност. На овој начин се поттикнува креативноста кај учениците, способноста за соработка и се развива чувството за припадност кон заедницата во која живеат.
Проектот е финансиран и поддржан од мисијата на ОБСЕ во Македонија, во рамките на програмата ,,Градиме мостови’’, која е резултат на заедничката иницијатива на Министерството за образование и наука, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Швајцарската амбасада. Во име на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, пред присутните се обрати помошник раководителката на секторот за јавни дејности Гордана Зафировска, која истакна дека Карпош постојано работи на подобрување на животот на оваа категорија на наши граѓани.
– Општина Карпош е позната како Општина која максимално се вложува во подобрување на статусот на лицата со хендикеп, во континуитет работи на проекти за нивна поголема инклузија во општеството, и ние и понатаму ќе продолжиме да работиме со исто засилено темпо на ова поле. Токму затоа нашата локална самоуправа го носи епитетот на најхумана општина – нагласи раководителката Зафировска.