СО ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ ПРОТИВ ЕНЕРГЕТСКАТА СИРОМАШТИЈА ВО КАРПОШ
- март 11, 2021
- 0
Преку три нови проекти ќе се подобрува енергетската ефикасност и ќе се намали енергетската сиромаштија во општина Карпош. Имено, локалната самоуправа потпиша меморандум за соработка со здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“.
Преку проектот ComAct ќе се спроведува тригодишна активност за намалување на енергетската сиромаштија, со конкретни пилот – проекти за подобрување на резиденцијалната енергетска ефикасност. Генералната цел на проектот е да овозможи интервенциите што имаат висока цена и големо влијание да се пренасочат кон интервенции што имаат ниска цена и прифатливи решенија за сиромашните граѓани.
Во вториот проект EXCITE, акцентот е ставен на рационално искористување на енергијата и употреба на обновливи извори на енергија. Поконкретно, ќе и се овозможи на локалната самоуправа да стане подоверлив партнер на компаниите, инвеститорите и истите да бидат помотивирани за користење на енергетско – ефикасни материјали.
Третиот проект Energy Measures овозможува поголемо вклучување на домаќинствата со средни и ниски приходи. Со проектот се поддржуваат истите да го променат односот и свеста за користење на електричната енергија. Предвидено е креирање на предлог за бизнис модел, политики и промени во управувањето, со кои институционалниот контекст ќе се направи полесно достапен за намалување на енергетската сиромаштија.
За реализацијата на овие, но и други проекти во оваа област, општина Карпош планира формирање на Ресурсен центар за енергетска ефикасност и совети. Тоа ќе биде локалната точка од каде што граѓаните ќе имаат постојан извор на информации поврзани со обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност во домовите.