Потребна е поголема промоција на картичката за попусти „Мој Карпош“ и заживување на делот околу Порта Влае. Ова беа главните сугестии на стопанствениците, сопственици на мали бизниси кои денеска беа посетени од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Една година по активирањето на картичката „Мој Карпош“, граѓаните имаат можност да купуваат добра и да добиваат услуги по пониски цени, во различни периоди од неделата, во повеќе од 250 бизниси на територија на Карпош.

Кон овој проект се приклучени голем број на кафулиња, ресторани, ординации, авто школи, салони за убавини и др.

Во директен разговор со Богоев, стопанствениците информираа и за посетеноста и успешноста на нивните бизниси. Дел од нив се задоволни од прометот, но има и такви кои зборуваат дека како резултат на поголеми шопинг центри и маркети за пазарување, малите продавници и бизниси претрпеле посериозна штета.

Со намера да заживее овој дел од Карпош, им беше објаснето дека Општината за оваа година предвидува реконструкција на плочникот во Порта Влае, и за таа цел ннаскоро ќе започнат активностите.

Денеска, на платото во Порта Влае, Секторот за развој имаше поставено штанд, каде што на само место граѓаните се регистрираа за добивање картичка и веднаш ја подигнуваа.

 

  • Ги повикувам сите граѓани, жители на Карпош да аплицираат за картичката за попусти „Мој Карпош“ и да пазаруваат по пониски цени. На овој начин значително се штедат средства од домашниот буџет, а и стопанствениците имаат поголема посетеност и промет. Меѓудругото, една од нашите цели е и раздвижување на локалната економија, рече Богоев во изјава за медиумите.

Во претстојниот период, локалната самоуправа ќе започне и со дигитализација на картичката, со цел граѓаните да имаат увид колку средства заштедиле.

Регистрацијата за оваа картичка се врши преку веб страната www.mojkarpos.mk или во просториите на урбаните заедници.