СО ДУП-ОТ ССИ 03, ЗА КАРПОШ САМО ЗЕЛЕНИЛО
- октомври 12, 2021
- 0
Во рамки на денешната 63. вонредна седница која се одржа преку електронската платформа ZOOM, советниците од Карпош расправаа по еднинствената точка на дневниот ред, која се однесува на Предлог – Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градската четврт ССИ 03, Блок 03.07 која ги опфаќа општините Бутел и Карпош.
Површината на планскиот опфат на ДУП-от во рамки на опишаните граници изнесува вкупно 24.861 хектари, од кои во општина Карпош ќе бидат регулирани приближно околу 0.2 хектари со намена Д2 – заштитно зеленило. Тоа значи дека формираните градежни парцели дефинирани во предметниот ДУП, територијално целосно спаѓаат во рамки на општина Бутел. Во рамки на општина Карпош, спаѓа само мал дел на непарцелирано земјиште, бидејќи како што е погоре наведено, се работи за зона на заштитно зеленило.
Планот го дефинира просторот помеѓу осовината на градската магистрална улица „Словенечка“ на север, по новопланираната сервисна улица „С9“ на исток, потоа, на југ ја опфаќа сервисната улица „С2“, а на запад се движи по осовината на новопланираната улица „С3“. ДУП-от е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина.
Урбанистичкиот план кој го опфаќа планираниот простор во општина Бутел е предвиден за намена А1 и А2 – домување (домување во станбени згради), Б2 – (големи трговски единици), Г2 – (лесна и незагадувачка индустрија), Г3 – (сервиси), Д1 – (парковско зеленило), Е1 – (сообраќајници) и Е2 – (комунална супраструктура).
Дел од ДУП-от кој регулира и мала површина од општина Карпош, има единствена намена Д2 – (парковско зеленило).