Денеска, 28.02.2018 година, Општина Карпош донесе решение за прекин на постапката за изградба на два објекти на местото на стариот Дом за култура во населбата Тафталиџе 1. Станува збор за објект кој е во сопственост на Социјалистичка партија на Македонија, а во чие име инвеститорот „Гренадер“ ДООЕЛ – Скопје на негово место предвидува изградба на два објекти.

 

Решението е донесено врз основа на член 95 од Законот за општа управна постапка како претходно прашање, бидејќи за таа градежна локација надлежното јавно обвинителство води предистражна постапка. 

 

Со цел да не дојде до погрешна интерпретација на процедурите и сензитивноста  на сопственоста  на објектот (сопственост на политичка партија), градоначалникот на Карпош објасни дека локалната власт во целост ги почитува законските процедури без оглед дали станува збор за приватен инвеститор или сопственик на земјиште, или, како во случајов политичка партија.