СООБРАЌАЈНА ЛЕКТИРА ЗА ОСНОВЦИТЕ ОД КАРПОШ
- септември 26, 2017
- 0
Општина Карпош во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), започна едукативна кампања кај основците, за безбедноста во сообраќајот. За таа цел денеска, раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес од Општина Карпош, Анета Марковска-Илиевска, им подели на третоодделенците од ООУ „Лазо Трповски“, информативен материјал насловен како „сообраќајна лектира“, потсетувајќи ги учениците дека безбедноста во сообраќајот е најважна лекција.
Едукативната брошура содржи пет лекции, кои илустративно говорат за користење на пешачките премини, преземање на безбедносни мерки при возењето со велосипед, автомобил и користењето на јавниот превоз, како и толкување на поважните сообраќајни знаци кои се поставени на коловозот. Едукативната кампања продолжува и во останатите основни училишта во Општина Карпош, како резултат на долгогодишната соработка меѓу претседателот на локалниот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата од Општина Карпош, Петре Кузмановски и РСБСП.