По повод одбележување на 42. роденден на Општина Карпош, денеска, во соработка со Државниот завод за трансфузиологија и Црвениот крст-Општинска организација Карпош, се одвива голема крводарителна акција во спортската сала во ООУ „Лазо Трповски”. Локалната самоуправа, традиционално ја спроведува оваа хумана акција која ќе трае до 17 часот попладне. Досега, до 11 часот беа регистрирани околу 60 дарители на крв, меѓу кои и вработените лица од општинската администрација на Карпош, како и повеќе искусни дарители на најдрагоцената течност, кои дарувале крв, повеќе од 70 пати.
Кон оваа акција се приклучи и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој во оваа пригода даруваше крв.
– Како што напоменавме пред некој ден, роденденот на Општината ќе го прославуваме со голем број на иницијативи и акции, со хуманост и посветеност на граѓаните. Токму затоа, денеска заедно со нашите солидарни сожители на Карпош ќе даруваме од најдрагоцената течност за човекот, со цел да спасиме нечиј живот – истакна Богоев.
Статистиките велат дека Општина Карпош се уште го држи рекордот во најголем број собрани крвни единици, меѓу сите општини во државата. Во таа насока, Богоев уште еднаш ги повика сите граѓани кои се во добра здравствена состојба и се подготвени да ја покажат својата хуманост, да учествуваат и во денешната крводарителна акција.