СОВЕТОТ ГО УСВОИ ПЛАНОТ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ НА ПОДРАЧЈЕ НА ОПШТИНА КАРПОШ
- април 2, 2026
- 0
Претпладнево, советниците од Општина Карпош ја одржаа 11-тата седница на Советот, во чии рамки расправаа и полноправно одлучуваа по 10 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во тој поглед, по деталната презентација веднаш беше усвоен Планот за заштита и спасување, кој целосно го покрива подрачјето на локалната самоуправа. Станува збор за комплексен План за заштита и спасување, кој опфаќа 12 посебни планови какви што се: плановите за асанација, врски, евакуација на населението, животна средина, засолнување на населението и материјалните добра, за подготвеност, мобилизација и ангажирање на силите за заштита и спасување, за Прва медицинска помош, потоа, за заштита и спасување од пожари и поплави, за Радиолошка – хемиска и биолошка заштита, како и плановите за заштита и спасување од урнатини и за згрижување на населението на територија на Карпош.
Оттука, во случај на природни непогоди и други несреќи од посериозен карактер, првенствено се активира Општинскиот Кризен штаб во улога на координативно тело. Во таа ситуација ќе биде активирана и Просторната единица за заштита и спасување од Општина Карпош, која ќе делува оперативно според горенаведениот План за заштита и спасување. Инаку, Просторната единица на Општина Карпош е единствена единица од ваков вид, која функционира во рамки на локалната самоуправа и истата е формирана уште во 2011 година. Во тој контекст, советниците го усвоија и Предлог – Правилникот за заштита од пожари и експлозии.
Членовите на Советот ја поддржаа и Одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Карпош, за изградба на новопроектирана секундарна улична мрежа за дел од сервисна улица: „Д“ и дел од сервисна улица: „А“ (ул: Скупи – 3) во населбата Злокуќани. Проценетата вредност за реализација на меѓуопштинската соработка на оваа Одлука изнесува 6.289.483 денари со вклучен ДДВ, каде Град Скопје учествува со целосните средства обезбедени од сопствениот Буџет.
Членовите на Советот ги поддржаа измените и дополнувањата на Програмата од областа на образованието за 2026 година. Поточно, финансиската рамка од 5.000.000 денари предвидена за ужинки за учениците од основните училишта се менува во изност од 4.800.000 денари, додека пак, 200.000 денари се додаваат за финансиска поддршка за меѓународна ученичка размена со партнерското училиште од Германија.
Поддршка од Советот доби и Предлог – Правилникот за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за 2026 година, наменети за детските градинки на територија на Карпош. Советниците ги усвоија измените и дополнувањата на Решението за разрешување и именување на член во Управниот одбор на детската градинка „Распеана Младост“. Со истата динамика, едногласно беа изгласани и Решенијата за давање согласност на Одлуките за формирање на групи со поголем, односно со помал број на деца од законски предвидениот број на деца во групите, кои се згрижени во детските градинки на територија на Карпош.









