СОВЕТНИЦИТЕ ГО УСВОИЈА ЕДНОГОДИШНИОТ КРАТКОРОЧЕН ЕКОЛОШКИ АКЦИОНЕН ПЛАН
- април 22, 2026
- 0
Во рамки на дванаесеттата седница која се одржа денеска во просториите на Општина Карпош, советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 15 точки кои се најдоа на дневниот ред. Во таа насока беше усвоен Едногодишниот краткорочен еколошки Акционен план за спроведување на мерки и активности, дефинирани со Локалниот Еколошки Акционен План (ЛЕАП 3), за 2026 година. Инаку, преку веќе донесениот ЛЕАП 3 на Општина Карпош се идентификувани клучните проблеми поврзани со заштитата на животната средина, кои се опфатени во седум тематски области. Поточно станува збор за анализа на водата, воздухот, почвата и користење на земјиштето, за природата и биолошката разновидност, за бучавата која е емитирана во животната средина, како и за отпадот и енергетската ефикасност.
Оттука ќе бидат преземени низа мерки и активности за решавање на проблеми, кои се однесуваат на гореспоменатите седум тематски области. Имено, за намалување на емисиите на загадувачки материи (NOx, PM10, VOC, SO2) кои потекнуваат од сообраќајот, ќе биде поставен т.н. „Зелен ѕид за прочистување на воздухот”, во детската градинка „Мајски Цвет“ на ул. Варшавска (Тафталиџе 1). За оваа намена Општината од својот Буџет обезбеди средства во висина од 450.000 денари. Локалната самоуправа ќе набавува и две мобилни машини за чистење на јавни површини со вода под притисок, за кои обезбеди 120.000 денари. Општина Карпош ќе субвенционира финансиски средства во висина од 150.000 денари, за поставување на филтри на оџаците во домаќинствата, како мерка против загадувањето на амбиенталниот воздух. Исто така Општината ќе инвестира околу 280.000 денари за изградба на фотоволтаична централа во детската градинка „Орце Николов“ во Карпош 4, како стимулација односно имплементација на мерки за енергетска ефикасност. Локалните власти преку Секторот за екологија и енергетска ефикасност ќе го промовираат пилот-проектот за сепарирање, рециклирање и реупотреба на одреден тип материјали кои можат да минат низ процесот на рециклирање. Поточно, со 150.000 денари, Општина Карпош ќе ги награди основните училишта на своја територија, кои ќе произведат најголемо количество на компостирана маса. За чистење на депонии и постоечки ѓубришта со соодветна механизација, Општината има предвидено парични средства од 400.000 денари. Согласно овој стратешки документ, локалната самоуправа од својот Буџет планира дополнителни 400.000 денари за поставување на камери за мониторинг и следење на состојбата со недозволено одлагање на отпад, на клучни места низ Карпош. Со 200.000 денари Општината ќе стимулира подигнување на свеста кај населението, за важноста од заштитата на водата и водните ресурси и рационалното користење на водните ресурси, преку поддршка за Здруженија на граѓани за едукативни и информативни содржини, за сите медиуми за деца од училишна возраст. Без финансиски импликации, Секторот за екологија и енергетска ефикасност ќе изработи Стратегија за справување со отпад на јавните површини, кои се наоѓаат на територија на општина Карпош.
Членовите на Советот ги поддржаа измените и дополнувањата на годишната Програма од областа на екологијата и енергетската ефикасност за 2026 година. Имено, под други проектни активности се додава потточка со наслов „Меѓуопштинска соработка за заловување на кучиња на подрачјето на Општината Карпош”. Според правата и обврските на Договорот за меѓуопштинска соработка, Општина Карпош ќе врши месечна уплата на финансиски средства во висина на 166.667 денари на сметката на ЈП „Лајка“ – Скопје, при што Градот Скопје е обврзан да доставува годишни извештаи од ЈП „Лајка“ за наменското трошење на средствата, до Советот на Општина Карпош. Со измена на Програмата, наместо во две, локалната самоуправа ќе финансира парични средства за поставување на фотоволтаични системи во три детски градинки на своја територија. Со потребните измени кои ќе ги направи во оваа Програма, Општината ќе вложи 6.150.000 денари за замена на досегашниот котелски систем за греење на нафта во ООУ „Аврам Писевски“, со систем на обновливи извори на енергија, поставувајќи термални пумпи кои работат на принципот воздух/вода.
Советниците го изгласаа Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општината за Првиот квартал за 2026 година, за периодот од 01.01.2026 до 31.03.2026 година. Во овој документ во колоната План, се прикажани вкупните приходи планирани со Буџетот за 2026 година, во износ од 2.159.676.279 денари, а во колоната Реализирано се прикажани реализираните приходи за првиот квартал во износ од 400.639.022 денари. Во Буџетот на Општината, приходите се планирани во износ од 1.332.434.279 денари, при што е остварена реализација на приходите за првиот квартал во износ од 216.838.030 денари. Со одлука на Советот се прошируваат средствата на Општинскиот Буџет за 2026 година. Проширувањето се врши во колоната на Самофинасирачки активности во програмата В1О – Детски градинки во износ од 1.600.000 денари, поради тоа што се обезбедени средства на приходното конто.
Потребна поддршка добија и Решенијата за изменување и дополнување на Решенијата за разрешување и именување на членови во Управните одбори во сите детски градинки во Карпош. Со истата динамика беше изгласана Одлуката за утврдување на реони на десетте основни училишта во општина Карпош.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за Одлуката за категоризација и класификација на објектите за спорт од локално значење, кои се во сопственост на Општина Карпош. Целта на категоризацијата е да се изврши рангирање согласно намената, капацитетот, техничката опременост и безбедносните услови, со цел подобрување на условите за спорт и рекреација, поддршка на спортските клубови за тренинг и рекреација на граѓаните, како и обезбедување на стандарди за одржување и користење.
Советот ја поддржа Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на Штаб за заштита и спасување и Просторна единица за заштита и спасување на Општина Карпош.
Во рамки на денешната седница беше изгласана Одлуката за прифаќање донација од фирмата „ФИЛАНД 2012“ ДООЕЛ Охрид. Станува збор за донација во вид на изработка на основен проект, за улична водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација за дел од ул. „Драгутин А. Гуте“ во населбата Влае, кој го изработи фирмата „КБК ИНЖЕНЕРИНГ“ – Скопје. Вкупната вредност на донацијата изнесува 145.140 денари. Советниците постигнаа консензус и околу прифаќање на донација од Здружението на граѓани „ПОЗИТИВО“ од Скопје, за опремување на сензорна соба во ООУ „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4. Вкупната вредност на оваа донација изнесува 134.997 денари.









