СМАРТ ТАБЛИ ВО СИТЕ УЧИЛИШТА ВО КАРПОШ
- август 31, 2021
- 0
Со буџетски средства од блок дотациите обезбедени од Министерството за образование и наука , оваа учебна 2021/2022 година , учениците од четврто одделение во сите десет општински основни училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош, ќе користат смарт табли во наставата. Бидејќи, согласно образовната политика на МОН, од оваа година учениците во прво и четврто одделение, освен преку печатениот материјал, наставната содржина дополнително ќе ја совладуваат и преку дигитална форма на образование, општината воведе иновативна опрема во образовниот процес.
Одделението за образование при Општина Карпош, одлучи да ги набави овие смарт-табли преку кои основците ќе имаат комплетна можност за реализирање на современа настава, користење на дигитални учебници, еду-платформи, мрежно поврзување со други училишта, вклучување во разновидни проекти, он лајн работилници и слично. Овој тип на смарт табли, ќе бидат еден вид на дополнителни алатки, преку кои учениците ќе ја развиваат својата иновативност, способноста за решавање на задачи, индивидуалниот, но и колективен пристап за учење, распознавање и респонзивност кон дадените лекции.
Локалната самоуправа во континуитет вложува во модернизација и осовременување на образовниот процес, преку воведување на напредни технолошки алатки, кои ќе го олеснат процесот на совладување на предвидениот наставен материјал на учениците, но и преку креативност и современи дигитални форми, со што наставното градиво ќе им биде поинтересно за следење и изучување.