СЛЕДУВААТ РЕКОНСТРУКЦИИ НА УЛИЦИ ВО КАРПОШ 1 И КАРПОШ 2
- септември 18, 2020
- 0
На денешната 43 седница на Советот на Општина Карпош, советниците ја изгласаа Предлог-одлуката за давање согласност за потпишување на анекс договор за реализација на проектот „Карпош за еднаквите во училиштата 2020/2021 година“. Со оваа одлука, средствата обезбедени од буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, УНДП се обврзува да ги префрли на Општина Карпош, според однапред утврден распоред за исплата.
Согласно договорот, ќе се овозможи кофинансирање од Општина Карпош на 20 образовни асистенти во износ од 20% од месечниот надоместок од 9.000 денари, за период од осум месеци, додека локалната самоуправа ќе надомести вкупно 288.000 денари за платите за образовните асистенти.
Советниците ја одобрија и одлуката за намера за реализација на проекти по пат на долгорочно домашно задолжување на Општина Карпош во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги (MSIP2). Со оваа одлука се утврдува потпишување на Договор за подзаем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка во висина од 16.464.946 денари, а со цел финасирање на капитален инвестициски проект кои ќе опфатат реконструкција на улици во урбаната заедница Карпош 1 и Карпош 2 и тоа: реконструкција на улицата „Гиго Михајловски“ со вкупна вредност од 2.254.390 денари со вклучен ДДВ, на улицата „Иван Аговски“, со вкупна вредност од 5.212.237 со вклучен ДДВ, на улицата „Шекспирова“ со вкупна вредност од 6.262.378 со ДДВ, како и реконструкција на коловозна површина со тротоари на улица „Мирка Гинова“, со вкупна вредност од 2.917.941 со ДДВ.
Во објектот „Виножито“, во населеното место Бардовци, како дел од детската градинка „Распеана Младост“, ќе се адаптира и посебен јаслен дел, односно ќе се приспособат и соодветно ќе се опремат просториите за прием на најмалите деца од 0-2 години, односно Бардовчани ќе може да ги запишуваат своите деца во категоријата „јасли“ во детската градинка во своето место на живеење.