СИСТЕМ ЗА НАВОДНУВАЊЕ, ТРЕВА И УКРАСНИ РАСТЕНИЈА ВО СРЕДИШНИОТ ДЕЛ НА „МОСКОВСКА“
- септември 11, 2020
- 0
Општина Карпош започна со поставување на нов систем за наводнување и садење на нова тревна површина меѓу зградите на улицата „Московска“ во Тафталиџе.
Имено, средишниот дел повеќе години делуваше запуштено, а при поројни дождови се полнеа со вода и околните шахти.
Со цел трајно да се надмине оваа ситуација, комуналните служби на Карпош прво ги исчистија шахтите и направија нови сливници. Исто така, тука ќе се засади и нова тревна површина и украсни растенија, кои покрај раззеленувањето, ќе придонесат и за спречување на излевање на шахтите при пообилни дождови.
Ги информираме засегнатите граѓани дека Општината подготвува и план за обнова на партерното уредување (пристапните патеки) во овој дел од Карпош.
Локалната самоправа, во изминатиот период постави повеќе системи за наводнување и тоа на повеќе локации: на „Женевеска“ (во Тафталиџе 2), кај „воените“ кули во Долно Нерези, во средишниот дел на ТЦ „Лептокарија“ (Карпош 3), на „Иван Аговски“ (Карпош 1), во рамки на Спортско – рекреативниот центар во ООУ „Лазо Трповски“ (Карпош 3), а во соработка со Град Скопје беа поставени и системи за наводнување кај Драмски театар и хотел „Карпош“ (Карпош 2).
Основната цел е да се обезбеди долготрајност на зеленилото и креирање на маалски паркови кои се најблиску и во функција на граѓаните.