СДСМ ГИ „ПРЕСПА“ ПОПЛАВИТЕ
- август 17, 2016
- 0
Советничката група на СДСМ, вчера побара одржување на вонредна седница на Советот на Општина Карпош, поради загрозување на безбедноста на граѓаните. По тој повод градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, денеска одржа прес конференција за медиумите.
– Имајќи во предвид дека еден од советниците на СДСМ беше шест месеци полицаец, сметавме дека тој има дополнителни сознанија за загрозување на безбедноста на граѓаните. Од таа причина ние денеска ја свикавме оваа седница. Во продолжение, навистина бевме изненадени од реакцијата на советниците од опозицијата, кои предложија точки на дневен ред, кои се однесуваат на поплавите во Општината Гази Баба и Општина Илинден, како на дел од поплавени подруми на територија на Општина Карпош – истакна Јакимовски.
Понатаму, првиот човек на локалната самоуправа изрази чудење од односот на советниците на опозицијата, кои упатија неаргументирани обвинувања кон градоначалникот и општинската администрација.
– Ноќта на 06. август, кога се случи големото невреме, екипи на единицита за заштита и спасување од Општина Карпош и вработени во Општината, беа на терен, каде што ја вадеа надојдената вода со нивните специјализирани пумпи. Понатаму, упативме на терен 20 вработени од локалната самоуправа, да бидат дополнителна помош на градоначалникот на Град Скопје и на градоначалникот на Гази Баба. Во петокот и саботата јас и уште 50 вработени од Општина Карпош, цело време работевме на расчистување на последиците и штетите од поплавата кои ги зафатија нашите сограѓани во населбата Маџари, односно во населеното место Економија. На тие настрадани граѓани им поделивме пакети со конзервирана храна и хигиенски средства, и дополнително во акцијата која ја спроведовме пред маркетите на локалната самоуправа, собравме нови 40 пакети со најнеопходни средства кои ќе бидат од помош на овие настрадани граѓани. Вклучително се разгледуваат сите 90 барања, поднесени од граѓаните од Општина Карпош за претрпена штета од поплавите, кои веќе формирана комисија ќе ги верифицира и ќе направи записник, се со цел да им се помогне на граѓаните од Карпош, кои материјално настрадале во големата водена стихија која го зафати скопскиот регион.
Јакимовски изрази вчудоневиденост од рекациите на советниците на СДСМ, кои немаа никакви сознанија за брзите и соодветни реакции на општинската администрација и екипата за брзи интервенции, кои навреме ги санираа штетите настанати во поплавата.
– Одговорно тврдам, дека ниту едно од надлежните претпријатија на Градот Скопје, ниту вечерта, ниту наредните денови, не интервенирале на територијата на Општина Карпош. Сите интервенции околу чистењето на ул. Јуриј Гагарин, ул. Леринска , ул. Хелсинки, како и на ул. Вич на која имаше поплавен подрум, сето тоа беше расчистено и санирано од страна на вработените во општинската администрација и надлежните служби на локалната самоуправа.
Одговарајќи на новинарски прашања Јакимовски, истакна дека советниците на мнозинската коалиција ја отфрлиле иницијативата на советничката група на опозицијата, сметајќи дека помошта за настраданите граѓани од најпогодените подрачја во саботната поплава, како и помош за граѓаните на Општина Карпош кои претрпеле материјална штета ќе бидат разгледани како точки на дневен ред на редовно одржана седница на Советот на локалната самоуправа.
– На територијата на Општина Карпош се поплавени три возила, неколку гаражи, подруми и една куќа е опожарена од удар на гром, и за која најитно треба да се интервенира.
На крајот општинскиот татко Јакимовски, упати апел до советниците од редовите на СДСМ во Општина Карпош, до политичките партии, невладините организации, спортските клубови и сите институции да вложат максимални напори и да се вклучат во санирањето на последиците од стравотното невреме кое го зафати нашиот главен град. Притоа, Јакимовски напомена дека обидот политички и партиски да се поентира на маката и трагедијата која ги снајде нашите сограѓани, е под секоја критика.