СВЕТСКИТЕ ШАХИСТИ ПОВТОРНО ВО КАРПОШ
- април 1, 2017
- 0
„Ми претставува огромно задоволство, што седми пат по ред го прогласувам за отворен шаховскиот турнир „Опен Карпош 2017“. Гледам дури врвни шахисти кои исто толку пати учествуваат на ова респектабилно шаховско натпреварување“.
Со овие зборови градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски го означи стартот на Меѓународниот шаховски турнир „Опен Карпош 2017“. Овој турнир под покровителство на локалната самоуправа, а во организација на „Гамбит Асеко СЕЕ“ , ќе се одржува во хотелот „Александар Палас“ цела седмица, од 01 до 08 април. Преку 200 реномирани врвни шахисти, интернационални и веле мајстори, како и ФИДЕ мајстори, ќе се натпреваруваат за главната награда од 2.000 евра, додека целокупниот награден фонд на годинешниот турнир изнесува 10.200 евра.
-Традиционално продолжуваме, и можам слободно да кажам дека „Опен Карпош“, освен што претставува најдобар шаховски турнир во Република Македонија, тој по сите светски шаховски ранг листи, е вброен меѓу десетте најреномирани турнири од овој вид на стариот континет, т.е во Европа. Ви посакувам успешна игра и со мудри и трпеливи потези да ги одиграте натпреварите, и секако, нека победи најдобриот, истакна градоначалникот Јакимовски.
Шаховскиот турнир, ќе се одигра во девет кола. Во недела, на 02 април ќе се одиграат две кола со почеток од 09.30 и 17.00 часот , а потоа секој ден, натпреварувањата ќе започнуваат од 17:00 часот.Турнирот ќе се игра според правилата на Швајцарскиот систем. Играчите ќе имаат на располагање по 90 минути за повлекување на 40 потези и 30 минути до крајот на партијата со 30 секунди по потег, броејќи од првиот потег. На овој седми турнир по ред на „најмислечката игра“ во Карпош, свои шаховски репрезенти ќе имаат вкупно 31 земја од целиот свет.