САТИРА И ЧАЛГИИ ВО СРЦЕТО НА КАРПОШ
- август 19, 2017
- 0
Платото на Т.Ц. Лептокарија вчеравечер ечеше од смеа, која со својот ведар настап ја предизвика великанот на хуморот, Војче Китановски. Неговите добро осмислени шеги, заедно со одличниот сценски настап и гестикулациите, силно ја расположија многубројната публика. Неприкосновениот „крал на сатирата“ кој веќе 40 години успешно опстојува на македонската естрада, оваа летна ноќ редеше урнебесни шеги, кои веројатно уште долго време ќе се раскажуваат меѓу карпошани.
Веднаш потоа, во рамките на четвртата вечер од „Културното лето Карпош – 2017“, настапија фантастичните Филип Шурбевски – Езгија Трио. Нивниот мелос, помешан со ритамот на опојните чалгиски звуци и слаткиот женски вокал на пејачката Мартина Костова, веднаш ги плени љубителите на добриот звук. Со беспрекорната интерпретација на македонски староградски песни, тарабуката на Филип Шурбевски, виолината на Ристе Апостолов и тамбурата на Митко Наумовски, создадоа магична атмосфера при што се почувствува пријатниот шарм на Ориентот.
Инаку, овој вокално-инструментален состав е формиран во 2011 година. Со својот музички стил на изразување, Езгија Трио има за цел да ја врати на сцена македонската чалгија што во извесен период беше заборавена, која воедно е карактеристичен и препознатлив белег на македонската музика низ вековите која живеела на овие простори.