Во Општина Карпош, денеска се одржа дебата  помеѓу  Здружението за унапредување на родовата еднаквост „ Акција Здруженска- Скопје“ во соработка со Здружението за еднородителски семејства „ Една може“. На дебатата именувана како „ Кон родово инклузивен буџет во Општина Карпош“ присуствуваа претседателката на Комисијатаза еднакви можности на жените и мажите при Советот на Карпош-Билјана Костова, координаторката за родова еднаквост во Општина Карпош Евантија Стојановска, како и советници од Советот на Општина Карпош и вработени во  општинската администрација.

 Извршната директорка на „ Акција Здруженска –Скопје“, Марија Савовска истакна дека основната цел на оваа дискусија е идентификување на начините со кои ќе се унапредат процесите на планирање и на донесување на одлуки со општинските власти, да бидат транспарентни, инклузивни и во корист на жените од локалната заедница.

 

-Емпириските податоци, кои како здружение сме ги добиле говорат дека од  900 тини анкетирани жени во 11 општини во Република Македонија, само една знаела колкав  е  буџетот на нејзината локална самоуправа, а неколку жени учествувале во креирање на буџетските ставки. Ова се секако поразителни податоци, околу неучеството на жените-граѓанки  во носењето на локалните буџети, нагласи  Савовска.

Според неа главната цел  на Здружението е зголемување на транспарентноста при носењето на локалните буџети, вклучувањето на жените во изготвувањето на програмите за родова еднаквост,  прифаќање на повеќе буџетски ставки  за подобрување на положбата на жената во една локална самоуправа.

 

Дискутантите на денешната дебата, истакнаа дека  треба  континуирано да се подобрува статусот на жената  во општеството како и  во локалната заедница, сé со цел истите да бидат  родово рамноправни граѓанки, свесни за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат во една локална самоуправа. Дебатерите, потенцираа дека во иднина потребна е координирана активност на локалните власти, невладините организации и здруженија, граѓанки и поединци, во насока  да се подобри статусот на жената во општеството и во локалните заедници.