РЕШЕН ГОРЛИВИОТ ПРОБЛЕМ СО ФЕКАЛНАТА КАНАЛИЗАЦИЈА НА ЖИТЕЛИТЕ ОД НАСЕЛБАТА ТРНОДОЛ
- февруари 4, 2025
- 0
По дојава од засегнати граѓани од населбата Трнодол кои уредно доставија Барање (бр. 9467/1) до архивата на Општина Карпош, екипите од Секторот за уредување на градежно земјиште и комунални работи веднаш излегоа на терен и направија увид во состојбата, од каде службите во моментов интервенираат при решавање на проблемот со канализационата мрежа, кој подолго време ги мачи жителите од овој реон. Станува збор за постоечката собирна канализациона мрежа која не беше во можност да ги собере сите отпадни води, при што честопати доаѓаше до затнување и прелевање на собирната цевка од целата населба, до приклучување на главната мрежа под населбата на улицата Козле.
По тој повод денеска, градоначалникот Стевчо Јакимовски направи увид во комуналните работи кои се во тек.
- Оваа куса канализациона мрежа во Трнодол како бајпас ја направивме пред 13-тина години, бидејќи беше лошо решението кое го имавме претходно. Откако граѓаните се пожалија на прелевање на фекалиите, ние одлучивме да ја извршиме оваа реконструкција која навистина е сложена бидејќи мора сè да се работи рачно. Би сакал да укажам на неодговорноста на некои граѓани коишто фрлаат материјали на кои не им е местото во канализационата мрежа. Оттука, сметам дека сите треба да придонесеме за инфраструктурата да функционира нормално, затоа што сите вакви интервенции ги трошат буџетските средства од Општината, односно од граѓаните – овјасни Јакимовски.
Во насока на конечно решавање на проблемот каде последен пат е интервенирано пред повеќе од една деценија, изведувачот кој го ангажираше Општина Карпош постави канализациона мрежа во должина од 27 метри, со поширок обем на цевки со димензии Ф-250 мм. Во случајов се поставени и три нови шахти со нови капаци, а изнајдено е и најсоодветно решение за трасирање на патеката по која се одвива падот на фекалните води. И овој комунален зафат, локалната самоуправа го реализираше со јавна набавка за брзи интервенции во фекалната канализација.
Инаку, старите цевки беа обраснати со корења и затнати со различен отпаден материјал, кој граѓаните го фрлале низ канализациониот отвор (марамчиња, влошки, крпи и сл.), од каде дошло и до затнување на цевките и трите собирни шахти. Во оваа пригода, Општина Карпош апелира до граѓаните да не фрлаат отпад во канализационите отвори којшто не е биоразградлив, бидејќи во спротивно ќе биде предизвизвикан истиот проблем со кој тие се соочуваат во моментов.