РЕЦИКЛИРАЊЕ ОТПАД ВО ШКОЛИТЕ ВО КАРПОШ ПО НОВ ТАЈМИНГ
- февруари 11, 2021
- 0
Од основното училиште „Христијан Тодоровски – Карпош“, Општина Карпош ја обновува идејата за повторно рециклирање на отпад: пластика, хартија и батерии, во сите десет основни училишта на нејзина територија. Сите образовни установи се опремени со соодветни контејнери за правилно одлагање на отпад. Сепак, како резултат на КОВИД – 19 пандемијата дел од активностите се пролонгираа, а и наставата се спроведува само за учениците од прво до трето одделение.
– Ги повикувам сите ученици и родители повторно да се вклучат во процесот на рециклирање. Во точно определен ден од училиштата, и учениците од повисоките одделенија ќе можат повторно селектирано да го одложуваат отпадот. Во ова училиште, во тек е и целосно уредување на дворот. Поставен е и систем за наводнување, а ќе се засадат и нови садници. Учениците ќе креираат и специфична стаклена градина. Пандемијата не смее да биде изговор за да престанеме со активностите за заштита на животната средина и правилно одлагање на отпадот, истакна градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.
Активностите за рециклирање на отпад општината ги спроведува во партнерство со организациите „Пакомак“ и „4 SELECT“.
Претставничката од „4 SELECT“, Бисера Мухиќ, истакна дека е спроведена едукација на повеќе од 5.000 ученици во Карпош и поделени се биоразградливи вреќи за отпад.
– И во ек на пандемијата, правиме видео и онлајн презентации. На овој начин, создаваме еколошки едуцирана генерација. Учениците имаат и корективна, воспитна мисија во семејствата и оттаму е важно постојано да работиме со нив, напомена Мухиќ.
Ико Брдароски од „Пакомак“ рече дека учениците преку награди се стимулираат повеќе да рециклираат и на тој начин се гради стимулирачка средина, еко – заедница.
Основните училишта ќе ги известат сите ученици за тоа во кој ден да дојдат во училиштето за да одложат хартија, пластика и батерии.