РАЗВОЈНИ ПРОГРАМИ И ПОМОШ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
- ноември 12, 2020
- 0
Во рамки на денешната 48. Седница на Советот на општина Карпош која се одржа онлајн, советниците дадоа поддршка за планираните Програми за развој на локалната самоуправа за 2021 година, од областа на екологијата, енергетската ефикасност и подобрување на инфраструктурата.
Во делот на комуналните работи, Советот даде „зелено светло“ за проектот вреден 70.000.000 денари, наменет за изградба на партерно уредување на пешачката зона кај платото „Порта Влае“. Основниот проект е во завршна фаза на изработка, според кој ќе бидат реконструирани 14.380 м2. Просторот ќе биде корегиран, каде што ќе бидат поставени нови гранитни плочки и дополнителна заштитна хидроизолација, а ќе биде соодветно решено и одводнувањето на површинската вода од платформата. Поради обемот на работа, проектот ќе тече во две фази при што почетната е во април 2021 година, а конечната реализација се очекува да биде во август 2022 година.
Согласно Програмата за активностите на општина Карпош во областа на детската, социјалната и здравствената заштита, советниците ги одобрија планираните финансиски средства во износ од 550.000 денари, што се наменети за лицата со попреченост, кои ќе добијат еднократна парична помош од 3.000 денари. Оваа традиционална иницијатива се реализира по повод одбележување на Денот на лицата со попреченост (3. декември), под мотото „Сите сме исти, сподели среќа“.
На денешната седница беше донесен и Деталниот урбанистички план за Градската четврт З04, Блок 04.02 во рамки на опишаните граници: Од Север по оска на новопланираната улица „С1“, од Запад по оска на ул. „Љубљанска“, од Исток по оска на новопланираната сервисна улица „С6“ и од Југ по градската магистрала Бул. „Илинден“. Станува збор за опфат на само еден блок (04.02) од Градската четврт З04, со површина од речиси три хектари, односно 29.478 м2 кој е изработен врз основа на Регулацискиот план од страна на Град Скопје.
Советниците гласаа и за Решението за разрешување на старите и именување на нови членови на Училишниот одбор на ООУ „Димо Хаџи Димов“, поради истек на мандатот од три години. Советот, исто така ја избра Жанета Ќосе за нов претставник на општина Карпош во Училишниот одбор на оваа школска установа.
Со иста динамика беше усвоена и Одлуката за проширување на средствата на Буџетот на општина Карпош. Проширувањето се врши во колоната на блок дотации во програмата за основно образование, по претходно доделени дополнителни средства од Министерството за образование. Средствата се распоредени за покривање на тековни трошоци за електрична енергија, парно греење, за ѓубретарина и сл.