ПРОМОЦИЈА НА ЛИНГВИСТИЧКО „БОГАТСТВО“ ВО УЧИЛИШТЕТО БРАТСТВО
- ноември 10, 2017
- 0
Во просториите на ООУ „Братство“, во присуство на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ Ламберто Заниер, проект- менаџерот на НАНСЕН дијалогот за интеркултурна соработка Ветон Зеколи, како и на авторите Веселинка Лабровска и Бертон Сулејмани беше промовиран и презентиран македонско- албанскиот и албанско- македонскиот речник. Првиот човек на Општината нагласи дека му претставува голема чест и задоволство што токму на територијата на Општина Карпош се промовира ваков речник од исклучитечно значење за унапредување на комуникацијата во основното образование меѓу учениците од различна етничка припадност.
– Ова претставува лингвистичко богатство, односно алатка и за професорите и за учениците конкретно во ова наше мултиетничко училиште. Општина Карпош е мултинационална и мултиверска Општина, и секогаш важела за локална самоуправа со мирен, коегзистентен соживот, појасни Богоев.
Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ Ламберто Заниер, ја потенцираше важноста од зближување на заедниците, во мултиетничките општества, додека проек-менаџерот на НАНСЕН дијалогот се заблагодари на претставниците од германската амбасада што овозможиле да се реализира овој значаен проект. Граматичарите – автори на овој речник, Веселинка Лабровска и Бертон Сулејмани изразија задоволство што се создаде едно вакво лингвистичко дело, со кое ќе се гордеат многу генерации на основци.
По завршувањето на презентацијата на речникот, високиот комесар Заниер и градоначалникот Богоев им поделија примероци од македонско- албанскиот речник на основците кои беа присутни на промоцијата.