Во завршна фаза е изработката на основниот проект за реконструкција на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ (Партизан), во Карпош 4. Имено, откако граѓаните го избраа идејното решение подготвено од Меѓународната НВО „Културно ехо“, деновиве  е пред финализација и конечната верзија на  основен проект.

 

Веднаш потоа, Агенцијата за млади и спорт ќе ги започне активностите за реконструкција на овој култен спортски објект.

 

Во тој контекст, денеска, во посета на салата и околниот простор беа градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.

 

Како резултат на иницијативата на Општина Карпош овој простор е трајно заштитен, и тој сега е во владение на локалната самоуправа, а патем се преземаат активности за што поскоро негово повторно враќање во функција на спортот.

 

Општина Карпош изврши проверка и на статиката на објектот. Беше констатирано дека салата е во добра статичка состојба и не е потребно нејзино уривање  до темел, туку реконструкција на делови од објектот и инсталациите.

 

Во целиот овој процес е вклучен и проектантот на салата, почитуваниот архитект Трајко Димитров, кој со своите совети и мислења придонесува овој објект да добие нова вредност.