Комуналните служби на Општина Карпош продолжија со раззеленувањето на населбите. Имено, се засадија уште 50 ореви во рамки на дворовите на основните училишта и градинки.

 

Зголемено е зеленилото во училишните дворови на „Петар Поп Арсов“ (Карпош 4) , „Војдан Чернодрински“ (УЗ „Владо Тасевски“) и „Вера Циривири Трена“ (Карпош 2), како и во трите објекти на градинката „Орце Николов“, во Карпош 2, Карпош 3 и Карпош 4 и детската установа „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2.

 

Овие дрвја се дел од акцијата за садење на 300 ореви, која веќе извесен период се спроведува на територија на Карпош.

 

Исто така, во рамки на Спортско – рекреативниот центар во Карпош 3 се засадија и нови 35 јавори, кои се донација од компанијата „Алфаплам“.

 

Локалната самоуправа изминативе години сериозно работи на надоместување на изгубеното зеленило во урбаното јадро, но и креирање на нови зелени површини.

 

Имајќи предвид дека аерозагадувањето е еден од најсериозните проблеми, покрај раззеленувањето, Општина Карпош затвори и пет диви депонии, на кои често се палеа огнови на отворено.

 

Ги повикуваме сите граѓани доколку забележат оган на отворено да пријават на 193. Битката за почист воздух и здрава животна средина е заедничка.