ПРИЈАТЕЛСКА СРЕДБА СО ЗБРАТИМЕНИТЕ ОПШТИНИ
- ноември 4, 2024
- 0
По повод одбележување на 48 годишнината од основањето на Општина Карпош (3. ноември), градоначалникот Стевчо Јакимовски, утрово во својот работен кабинет оствари средба со членовите на делегацијата од Општините Кладањ и Калесија , градот Живинице (БиХ), како и со претставниците од збратимените општини Сремски Карловци (Србија), Врњачка Бања (Србија), Стари Град – Сараево (БиХ), Травник (БиХ), Тиват (Црна Гора) и Л – Исла (Малта).
Во рамки на оваа протоколарна средба, присутните разговараа за актуелната состојба во регионов и пошироко, како и за тековните активности кои се одвиваат во локалните самоуправи од коишто тие доаѓаат. На состанокот стана збор и за предизвиците со кои се соочуваат општинските служби во текот на своето работење, а во таа насока беа разменети и повеќе практични искуства во поглед на изнаоѓање на најсоодветни решенија кои ќе понудат подобар сервис за своите граѓани.
На крајот, присутните констатираа дека со одржување на блиски контакти и размена на регионални и меѓународни искуства и техники, може да се усоврши начинот на работење на локалната администрација. Во духот на градење на цврсти пријателски односи, присутните заемно си разменија пригодни подароци во вид на репрезентативен материјал.