Општина Карпош е првата локална самоуправа која се придружи кон акцијата за собирање на електронски и електричен отпад. Секое домаќинство, со јавување на телефонскиот број 070 – 236 – 000 може да пријави ваков отпад, при што истиот директно и бесплатно ќе биде собран од нивните домови. Оваа акција во Општина Карпош во континуитет, продолжува и натаму, а за ефектите од неа Градоначалникот Стефан Богоев ги посочи придобивките кои ги има и локалната самоуправа и граѓаните во неа:

–                    На овој начин ќе спречиме да се создаваат нови диви депонии со габаритен отпад, кои потоа се пали и дополнително придонесува за загадување на амбиенталниот воздух.

Апелираме до сите граѓани, да ги пријавуваат своите неупотребливи или стари апарати за домаќинство и истите правилно да бидат собрани, преработени и рециклирани, а не да завршат покрај контејнерите, рече Богоев.

 

Оваа еко – акција се спроведува во партнерство со Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“ ДОО Скопје.

Директорот Марјанчо Дамески посочи дека граѓаните најчесто пријавуваат како отпад телевизори и фрижидери, но и други помали апарати  од домаќинството.

Исто така, Дамески се осврна на фактот дека, благодарение на Општината пред просториите на сите урбани заедници е истакнато известување за оваа акција и телефонскиот број на кои може граѓаните да пријават ваков вид отпад за собирање.  Тој дополнително ги охрабри граѓаните, да се јавуваат, да го пријавуваат електронскиот отпад и изрази надеж дека успешната соработка со Општина Карпош ќе биде поттик и пример за сите останати општини и ќе продолжи и во претстојниот период.