ПРЕКУ РАЗМЕНА НА ИСКУСТВА ДО КОНКРЕТНИ АКТИВНОСТИ ЗА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА НА ЛОКАЛНО НИВО
- април 21, 2026
- 0
Минатата недела се одржа првата работилница на работната група за циркуларна економија како дел од проектот „Јакнење на локалната самоуправа преку родово одговорни иницијативи за циркуларна економија“. Проектот е во реализација на GIZ и NALAS, со поддршка на Германската влада и Регионалното климатско партнерство помеѓу Германија и земјите од Западен Балкан и ќе се одвива преку повеќе тренинг работилници на работната група, во период од три години.
Работната група за циркуларна економија ја сочинуваат претставници од локалните самоуправи од земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и координаторката за еднакви можности од Општина Карпош – Виолета Михајловска.
Во рамки на оваа прва работилница се отворија повеќе прашања од областа на цикруларната економија на локално ниво, активностите кои општините ги спроведуваат во однос на отпадот, водата, животната средина и одржливиот развој. Споделените искуства на учесниците покажаа дека циркуларна економија постои како пракса во повеќето општини и тоа најчесто како проект или иницијатива за испорака на услуги. Поголемата реализација и растот на циркуларната економија на локално ниво се соочува со повеќе предизвици како што е пристапот до финансии, информации и податоци за креирање на индикатори и интеграција на конкретни чекори во локалните политики. Мапирањето на предизвиците и пречките со кои се соочуваат локалните самоуправи, во понатамошна фаза, бара и идентификување на клучните чекори кои треба да се превземат со цел поголема имплементација на локални проекти, иницијативи и активности кои ќе бидат во насока на транзиција на традиционалните линеарни бизниси во зелени бизниси кои се значајни во зачувување на животната средина, одржливоста и економскиот раст.









