Во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, минатата недела во хотелот Александар Палас се одржа тркалезна маса на која преставниците од стручната и научната фела разговараа за аспектите на енергетската криза, енергетската транзиција, како и за можностите и законските промени кои треба да придонесат за масовно производство на електрична енергија од обновливи извори.

Во рамки на стручната дискусија, помошник раководителот на Секторот за екологија и енергетска ефикасност при Општина Карпош, Љупчо Димов се осврна на повеќе аспекти од доменот на локалната самоуправа, во насока на сопствено производство на електрична енергија од обновливи извори. Во таа насока се изработени три стратешки документи, поточно Студија за електроенергетски независен и самоодржлив Карпош, Општински план за обновлива енергија (ОППОЕ) и Програма за енергетска ефикасност 2022-2024 година.

 Од особена важност е што токму овие документи се основа за Општина Карпош, во наредните три години да реализира сопствено производство на електрична енергија со инсталирана моќ поголема од 1,8 MW и да произведе 2.140 MWh електрична енергија, на годишно ниво.

 

                Притоа, во темелното излагање е истакната потребата од измена и усогласување на повеќе подзаконски акти кои ќе придонесат за:

 

  • Зголемен интерес на граѓаните за сопствено производство на енергија со моќност до 6 kW
  • Отворање на нови можности со формирање на енергетски задруги како пилот проект што општината го планира, со посебен акцент за нивно внесување во законските и подзаконските акти.
  • Праведна енергетска транзиција каде што, освен крупните инвеститори и секој граѓанин ќе може да инвестира во капацитети за производство на електрична енергија.
  • Нов пристап кон решавање на проблемот на енергетска сиромаштија и улогата на локалната самоуправа.

 

Оттука се предвидува, дебатите  на овие теми да продолжат и со новите законски измени што треба да се имплементираат од средината на јуни 2022 година.