Јорда Манасиеска, одделенска медицинска сестра, дел од Одделот за респираторни инфективни болести во состав на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби е прогласена за заслужен граѓанин на Општина Карпош за 2020 година.

 

Оваа година, локалната самоуправа номинираше личност кој навидум е анонимна за пошироката јавност, но Јорда е на фронтот за борба против вирусот Ковид – 19 уште од самиот почеток на пандемијата. Таа е една од многуте здравствени работници, кои се жртвуваат за јавното здравје и колективитетот.

 

Родена е на 16. април 1962 година, во с.Битуше, општина Маврово – Ростуша, а долги години е жителка на населбата Карпош 1. Дипломира на Високата медицинска школа на Медицинскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што се здобива со звање – дипломирана медицинска сестра. Професионалната кариера ја започнува во 1982 година, на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што непрекинато работи 38 години. Од 2007 година е назначена за одделенска сестра на Одделот за респираторни инфекции и исипни болести.

 

Преку номинацијата на Јорда, се заблагодаруваме до целиот медицински персонал: доктори, медицински сестри, болничари, хигиеничари, сите „дискретни“ херои кои изминативе месеци ревносно и беспоштедно спасуваат човечки животи.

 

Наградата на одделенската медицинска сестра, Јорда Манасиеска ќе биде врачена на 03. ноември – Денот на Општина Карпош.

 

Локалната самоуправа ги повикува сите граѓани да ги почитуваат заштитните мерки: да носиме маска на отворен и затворен простор, да држиме растојание и често да правиме дезинфекција. Само на овој начин си помагаме себе си, на нашите блиски, но се грижиме и за здравствениот систем и целиот персонал.