ПРЕДЛОЗИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА „ЗДРАВ КАРПОШ“ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ
- октомври 3, 2018
- 0
Денеска, во Општина Карпош се одржа подготвителниот состанок на членовите на интерсекторската работна група за спроведување на истражувањето во Општината- „Прашалник за здрава населба-колку е добра и здрава нашата населба?“.
Општина Карпош е пилот општина, односно првата и единствена локална самоуправа во државата и пошироко која ќе започне да го спроведува овој проект во рамките на програмата HORIZON 2020 INHERIT, во соработка со Инситутот за јавно здравје на Република Македонија. Целта на проектот е преку поширок опфат на заинтересирани јавности, првенствено граѓаните, невладините организации, но и локалната власт да се дефинираат приоритетите како да се подобрат условите за живеење и како да се дојде до „здрава населба“.
Според професорот од Институтот за јавно здравје д-р Драган Ѓорѓев, Општината не може сама да го понесе на сопствен грб товарот на креирање на здрава населба од еколошки аспект, од аспект на хигиената, подигнувањето на еколошка свест и култура кај граѓаните, подобрувањата од безбедносен аспект, јавниот транспорт и сл. Токму затоа е од исклучителна важност интеракцијата со граѓаните кои преку анонимен прашалник кој веќе е поставен на интернет страницата на Општината, слободно ќе ги искажат своите ставови и предлози за тоа како до „Здрава населба“.
Од аспект на Општината, според раководителот на Сектор развој при Општина Карпош, Евантија Стојановска, приоритетите кои ќе се рангираат на 18 октомври, на состанокот на кои ќе се резимираат резултатите од Прашалникот, ќе бидат инкорпорирани во програмите за работа на секторите во локалната администрација.