Во рамки на 50. јубилејни „Детски Рацинови средби“   кои започнаа вчера во Велес,  шестоодделенецот Горазд Темелковски од ООУ „Јан Амос Коменски“ под менторство на наставничката по македонски јазик, Елизабета Теодосиевска, ја освои првата награда на овогодинешниот литературен конкурс на тема „Мојот град, моја инспирација“.  Меѓу бројните творби од цела Македонија, наградата Гран при за поезија ја доби Марија Андевска, деветооделенка од ООУ „Аврам Писевски“.

 

На традиционалната дводневна манифестација која ја организира Клубот на писатели „Коста Солев Рацина“ од Велес, и оваа година учествуваа шеесетина млади талентирани поети и ликовни уметници, ученици од цела Македонија. Како дел од програмските активности, учениците ја посетија родната куќа на Рацин, а се одржа и креативна работилница предводена од писателот Ванчо Полазаревски. Под наслов „50 Цветови за Рацин“ во Градскиот парк во Велес, учениците вчера поладне засадија цвеќе во чест на големиот македонски поет и револуционер.

На денешната програма ќе се одржи традиционалниот „Поетски караван“ со читање поезија од македонски писатели низ велешките основни училишта.