ПРВА ВЕЧЕР ОД COOLТУРНО ЛЕТО КАРПОШ: УРБАНО И МААЛСКИ СО ДОМАШНИ ПОП-РОК ЅВЕЗДИ
- август 30, 2019
- 0
Со радост и смеа на најмладите карпошани, со стотина „селфија“ со Мики и Мини Маус и претставата „Зеленковци“ започна 12 – то издание на COOLтурно Лето Карпош 2019.
Претставата „Зеленковци“ упати порака до најмладите да ја чуваат животната средина, да јадат здрава храна и совесно да се однесуваат кон природата.
Плоштадот „Делфина“ ги обедини граѓаните на Карпош кои уживаа во тричасовната музичка програма.
Настанот го водеше популарниот водител, Жаре Еден на Еден, кој зборуваше и за маалскиот живот во Влае 2, урбаниот дух на Карпош, општината која е срцето на Скопје.
Пред присутните граѓани се обрати и градоначалникот Стефан Богоев кој посочи дека оваа манифестација е културен бренд на Карпош. Тој кажа дека оваа година COOLтурно лето се одржува на две локации, додека акцентот повторно е ставен на македонската музика и домашните изведувачи.
– Програмата е прилагодена буквално за сите генерации: имаме дел за најмладите, за тинејџерите и за повозрасните. А, два дена со нас ќе биде и добро познатиот Жаре Еден на Еден, кој потекнува токму од ова маало.
Мило ми е што полека но сигурно го враќаме маалскиот соживот во Карпош. Овој настан, турнирот СОКОЛ, кој започнува во недела се симболи на нашиот Карпош, кои треба да ги негуваме и унапредуваме.
Ги ситниме последните денови од август. Со почетокот на септември и стартот на учебната година некако сите влегуваме во лавиринтот на секојдневието. Затоа, сакам искрено да ве повикам да уживаме сите овие денови, да собереме сили за претстојниот период и да се наполниме со позитивни вибрации, рече Богоев.
Вечерната забава продолжи со музика од македонските изведувачи: Гуру Харе, Емилија Колоска, Мики Јовановски – Џафер и Антониа Гиговска, додека Колоска пееше ретро странски хитови, но и свои авторски мелодии. Легандниот Џафер ги врати постарите генерации на почетоците на македонскиот поп – рок, што беше вистинско уживање за повозрасната популација..
Вечерта ја затвори една од најталентираните наши пејачки Антониа Гиговска., која е победничка на последното издание на фестивалот „Макфест“. Публиката ја награди со пеење на нејзините веќе познати хитови „Никогаш не вели никога“ и „Светлина во мрак“, додека Антониа пееше песни и од нашите ѕвезди Тоше Проески и Тамара Тодевска.
Во текот на целата вечер граѓаните имаа можност да се освежат на околните штандови, а беа поставени и посебни пунктови за регистрација и за добивање на бенефицираната „ Мој Карпош – Моја Картичка“.
Вечерва, COOLтурно лето продолжува на истата локација, на плоштадот Делфина, во Влае 2, од 19:30 часот.