ПРАЗНИЧНО ЦВЕТНО ДЕФИЛЕ ПО УЛИЦИТЕ ВО КАРПОШ
- ноември 2, 2016
- 0
Есенското сонце ги огреа најмалите карпошани, и беше добредојден „гостин“на роденденската прослава на Општина Карпош. Разиграните шарени цветчиња и веселите детски насмевки, беа дел од денешната традиционална манифестација „Цветно дефиле“ која се одржа на плоштадот „Делфина“ во населбата Влае.
Со богата музичка програма, деветтото издание на „шарената“ манифестација, беше одбележан јубилејниот 40-ти роденден на локалната самоуправа. Во присуство на градоначалникот Стевчо Јакимовски и претседателот на Советот на Општината, Сашо Лазаревски, започна роденденската забава со звуците на детската музика и поетските рецитали. Особен впечаток оставија талентираните ученици од основните училишта и најмалите дечиња од градинките. Првиот човек на Општината, Јакимовски со задоволство го пренесе убавиот момент од неговиот живот.
– Искрен да бидам, ова ми е една од најмилите манифестации, се сеќавам првата година кога дечињата се движеа по булеварот Партизански одреди, покрај Општината Карпош, чии простории тогаш се наоѓаа во старите бараки. Тие дојдоа до Општината и спонтано почнаа да ја пеат химната, тоа е еден од моите најомилени моменти во мојот живот – со насмевка се приспомна градоначалникот.
Првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски, потсети дека цветното дефиле се одржува по деветти пат.
– Учениците од основните училишта и од градинките доаѓаат практично да ја честитаат годишнината на Општина Карпош. Тие маршираат по улиците на Карпош, со заеднички пораки за мир, соживот и свест за екологијата. Сакаме уште од најмала возраст, дечињата да ги поттикнеме на вакви активности, но, во исто време, да создадеме кај нив среќни сеќавања дека 3-ти ноември е Денот на Општина Карпош – додаде Јакимовски.