Под мотото „Што сме по националност- Ние сме другари“, основците од ООУ „Војдан Чернодрински’’ од Општина Карпош и ООУ „Лирија“ од Општина Чаир учествуваа во      мултиетничкиот проект инициран од невладината организација „Заеднички визии“.

Ова е трета работилница во рамки на мултикултурната соработка на основното училиште со  која ученици  од  различна национална  припадност се запознаваат меѓу себе  преку ваков вид на активности. Директорката на Војдан Чернодрински Христина Ристевска изрази големо задоволство, што токму ова основно училиште од Карпош  е домаќин на училиштето од Чаир  во кое учат основнци од различна национална и етничка припадност,  пред се од  албанска и турска.         

 

–          Нашето училиште е секогаш отворено за ваков вид на меѓуучилишна соработка, преку која се уриваат етничките бариери и стереотипи. Учениците од двете основни училишта одлично се прифатија меѓу себе, преку разните видови на проектни задачи, како цртање, пишување и особено преку изведба на музички нумери , кои ја претставуваат нивната автохтона култура, истакна директорката Ристевска.

 

Директорката на  основното училиште „Војдан Чернодрински“ исто така, нагласи дека и во иднина нејзиното училиште ќе биде промотор и поттикнувач на вакви настани преку кои основците од училиштата во Република Македонија ќе се зближуваат меѓу себе, преку дружби, спортски игри, музички изведби и други училишни активности,  се со цел да се намали етничкиот јаз помеѓу учениците, и истите да се изградат во одговорни и совесни граѓани на Република Македонија.