За да може пошироката јавност полесно да ја разбере комплексноста на инспекциската постапка и времетраењето на истата, Општина Карпош го дава ова кусо објаснување на законската регулатива за поведување и водење на инспекциска постапка кај општинските инспектори.

Имено, инспекторите од локалната самоуправа постапуваат согласно нивните материјални закони како и согласно Законот за инспекциски надзор (Сл. Весник на РМ бр. 102/2019), каде што е детално регулирана инспекциската постапка. Според неа, општинските инспектори вршат редовен, вонреден и контролен инспекциски надзор.

  • Редовен инспекциски надзор е најавен надзор согласно месечниот план на инспекторот.
  • Вонреден инспекциски надзор е надзор по примена иницијатива за инспекциски надзор.
  • Контролен инспекциски надзор е надзор кој се врши кога е веќе почната инспекциска постапка, со кој се утврдува дали субјектот на надзор постапил по издадените акти на инспекторот (како што е опишано подолу)

Согласно Законот за инспекциски надзор, постапката кај општинските инспектори почнува со иницијатива за инспекциски надзор или по службена должност. По приемот на иницијативата за инспекциски надзор која странките ја поднесуваат во архивата на Општина Карпош (или по службена должност), инспекторот прави увид на лице место во присуство на субјектот на надзор, а доколку субјектот на надзор не е присутен на увидот, инспекторот испраќа покана за странката, и во нејзино присуство го составува записникот за извршен вонреден инспекциски надзор.

Оттука, субјектот на надзор има можност да го прими и потпише записникот со што го прифаќа истиот, или пак може да одбие да го прими и потпише записникот, при што инспекторот му го испраќа по пошта. Сето тоа се прави со цел записникот да биде уредно доставен, со што му се оставаат 8 (осум) дена на субјектот на надзор повторно да го потпише и да го врати потпишаниот записникот кај инспекторот или пак да стави забелешки на истиот.

             НАПОМЕНА:

  • Доколку во рок од 8 (осум) дена од денот на приемот, субјектот на надзор не го потпише или не стави забелешки на записникот и со самото тоа не го врати записникоткај инспекторот, ќе се смета дека истиот го прифатил записникот и инспекторот ќе пристапи кон носење на Решение за опомена кое е задолжително согласно Законот за инспекциски надзор.

Според утврдената процедура, Решението за опомена се доставува до странката најчесто по пошта или лично доколку  е возможно, и од денот на приемот се определува рок во самото Решение за да се постапи по опомената. Најчесто тој рок е 8 (осум) дена, но може да биде и краток рок – 1 (еден) ден како и подолг рок – 30 (триесет) дена. Субјектот на надзор има право на жалба против донесеното  Решение за опомена, но жалбата не го одложува извршувањето на Решението.

Доколку субјектот на надзор не постапи согласно Решението за опомена, инспекторот прави контролен надзор, составува Записник за извршен контролен инспекциски надзор и го доставува повторно до субејктот на надзорот. По уредно приемниот записник, инспекторот ја продолжува постапката со носење на Решение за задолжување, каде повторно определува рок за постапување исто како и кај Решението за опомена. Тој рок почнува да тече од денот на уредно применото Решение за задолжување. Субјектот на надзор има право на жалба против донесеното Решение за задолжување, но жалбата не го одложува извршувањето на Решението.

  • Доколку субјектот на надзор не постапи по Решението за задолжување, инспекторот повторно прави контролен надзор, составува Записник за извршен контролен инспекциски надзор и го доставува до субјектот на надзорот. По уредно приемниот записник за конторолен инспекциски надзор, инспекторот ја продолжува постапката со составување на налог за извршување и истиот го доставува до субјектот на надзор. Субјектот на надзор има право на жалба против донесениот налог за извршување, но жалбата не го одложува извршувањето на налогот.

Имајќи предвид дека секој од овие погоре опишани акти треба уредно да бидат доставени до субјектот на надзорот, а доставата се врши преку трето лице – пошта, инспекторот нема влијание врз времетраењето на доставата, што дополнително ја одолговлекува инспекциската постапка.

 

ПОСТАПКА ЗА МЕРЕЊЕ НА БУЧАВА КОЈА ЈА СПРОВЕДУВА ОПШТИНСКИОТ ИНСПЕКТОР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА

Доколку општинскиот инспектор за животна средина прими иницијатива за вршење на инспекциски надзор, според која се бара да биде измерена бучавата од некој угостителски локал како и од било кој друг извор на бучава, општинскиот инспектор праќа барање до овластена фирма за мерење на бучава која е избрана на тендер кој го распишала Општина Карпош.

Мерењето на бучава се врши во присуство на општинскиот инспектор за животна средина во терминот договорен со барателот и фирмата.

Она што е важно да се забележи е дека мерењето на бучава се врши на три мерни места во станот или во просториите на пријавителот, со затворени прозорци. По извршеното мерење овластената фирма составува извештај за извршено мерење на бучава и истото го доставува до инспекторот.

    НАПОМЕНА:

  • Доколку е утврдено надминување на дозволената бучава, инспекторот составува прекршочен платен налог за субјектот на надзор и исто така извештајот за извршеното мерење се наплаќа од субејктот на надзор. Доколку не се утврди надминување на дозволеното ниво на бучава, тогаш извештајот за извршено мерење се наплаќа од пријавителот и постапката се запира поради неутврдени недостатоци.