Концентрациите на PM10, PM2,5 и CO2 честички во внатрешноста на десетте основни училишта во општина Карпош се прилично ниски.

Зголемената хигиена, честата дезинфекција на работните површини и на рацете на децата и на училишниот кадар придонесе да се подобри квалитетот на воздухот во училиштата.

Ова го потврдува направеното истражување на тема: „Квалитетот на воздухот во основните училишта“, кое се спроведе во рамки на проектот „Зголемување на свеста за внатрешното загадување на воздухот во основните училишта во Република Северна Македонија“, реализирано од  здружението „Центар за климатски промени“, а финансиски поддржано од Амбасадата на Австралија во Белград.

 

Мерењата се спроведоа во периодот од септември 2020 до мај 2021 година. Здружението користеше посебни сензори кои го мереа квалитетот на воздухот во училишните холови, во спортските сали и училниците (во кои се одвиваше настава со физичко присуство).

 

На денешната онлајн конференција на која се презентираа резултатите, учествуваше и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев. Тој говореше за сите мерки и активности кои општината ги презема во областа на екологијата, а се однесуваат и на основните училишта.

 

  • Сите 10 основни училишта се со променети врати и прозорци, со што е зголемена нивната енергетска – ефикасност.Во Карпош, многу одамна нема училишта со азбестни покривии површини. Тековно работиме и на реконструкција на училници, а ова особено го правиме во летните периоди, додека учениците се на распуст.Внатрешната хигиена ја унапредуваме и со постојано подобрување на хигиенско – санитарните услови во училиштата. Тука, станува збор за реконструкција на тоалетите, и тоа неодамна го направивме и во „Лазо Трповски“, „Владо Тасевски“, како и во „Аврам Писевски“ (каде што направивме и нови тоалети за ученици со попреченост), истакна градоначалникот.

 

Богоев нагласи дека локалната самоуправа интензивно вложува и во раззеленување на училишните дворови, со што се подобрува и квалитетот на амбиенталниот воздух.

 

Во изминатиот период беа засадени 300 ореви во дворовите на основните училишта и  на градинките.

 

  • Овој период, ги мотивиравме сите училишта да направат еко – училници. Станува збор за простори на отворено, кои се изработени од еко – материјали, гуми, палети, пластика, а во рамки на овие зони се сади и ново зеленило. Тука може да се одржува настава; родителски средби; работилници; да се дружат учениците. И на овој начин, не само што правиме добро за училиштето, за амбиенталниот воздух, сметам дека придобивките се поголеми. Затоа што наставници, ученици, родители работат заедно, од рани години ја развиваме свеста кај младите и потоа тие се одговорни за тие простори, дрвја или сл, рече Богоев.

 

Филип Стојановски од „Центар за климатски промени“ ги презентираше резултатите и истакна дека е важно и по пандемијата да продолжи повисокото ниво на хигиена по воспитно – образовните установи.

 

На настанот учествуваше и амбасадорката на Австралија во Белград, Рут Стјуарт, која ја истакна важноста од вклученоста на децата и сите други чинители во образованието. Квалитетот на воздухот е глобален предизвик и мора сите да делуваме за поздрава и почиста животна средина.