ПОТТИКНУВАЊЕ НА КАРИЕРНИОТ РАЗВОЈ КАЈ УЧЕНИЦИТЕ ОД КАРПОШ
- мај 14, 2026
- 0
Вчера попладне, во кино салата на Cineplexx се одржа модел – работилница наменета за родителите, чии деца се дел од образовно – едукативниот процес во основните училиштата низ Карпош. Со вчерашниот настан беше означена завршната фаза од проектот „Кариерен избор без ограничување“, кој го реализираше Асоцијацијата на советници за развој на кариерата (АСК Скопје), со финансиска поддршка од Општина Карпош. Станува збор за проект кој се реализираше во три фази, како дел од годишната програма на локалната самоуправа од областа на еднакви можности меѓу жените и мажите, а истиот е насочен кон зајакнување на институционалните капацитети во десетте основни училишта во Карпош.
Во рамки на модел – работилницата, стручните лица од АСК непосредно комуницираа со родителите на основците, советувајќи ги како да им помогнат на своите деца при изборот на средното училиште и понатамошната кариера. На работилницата детално се говореше за актуелни теми, односно за тоа како децата ја избираат сопствената кариера и каква улога врз нивниот избор имаат родителите, врсниците и општествената средина. Во тој контекст родителите добија практични совети од стручните лица, како да ги препознаат интересите, способностите и талентот кај своите деца, без да им вршат притисок, туку напротив, да ги поттикнат при носење на рационални одлуки. Во фокусот на расправата беа посочени и повеќе примери за тоа, како стереотипите влијаат при конкретниот изборот на професијата кај адолесцентите.
Инаку, кон крајот на минатиот месец беа реализирани и првите две фази од овој проект, каде кариерните советници од АСК спроведоа стручни обуки за 30 училишни претставници (педагози, психолози, дефектолози и наставници) од сите основни училишта во Карпош. На тие обуки, наставниците од Карпош се стекнаа со практични знаења, алатки и современи методи, кои отсега ќе ги применуваат за советување на родителите и учениците, за нивно кариерно насочување и поддршка во процесот на донесување на одлуки. Со вчерашниот настан, во целост беше заокружена обуката на 30-те претставници од основните училишта во Карпош, кои официјално добија сертификати од Асоцијацијата на советници за развој на кариерата.
Инаку, Општина Карпош е првата локална самоуправа во Македонија, која во соработка со АСК реализираше проект за кариерен развој на учениците, во сите основни училишта на своја територија. Меѓу другото, целта на оваа иницијатива кон која се стреми локалната самоуправа е длабоко системско интегрирање на родово – сензитивното кариерно советување, во наставата и воннаставните активности.









