На иницијатива од Одделението за превенција при СВР – Скопје, во соработка со пензионерските друштва на територија на општина Карпош, неделава започнаа едукативни работилници на тема „Заштита од измами поврзани со сообраќајни незгоди“. Акцијата произлезе од конкретниот заклучок на заедничката дебата меѓу градоначалникот Стевчо Јакимовски, членовите на Советот и претставници од локалната заедница,  која пред неколку месеци се одвиваше во рамки на Локалниот совет за превенција на Општина Карпош. Иницијативата има за цел да ја зголеми свеста на граѓаните, особено на повозрасната популација, од причина што пензионерите се едни од најзагрозените групи кои се мета на различни видови измами, особено оние што се поврзани со т.н „сообраќајни незгоди“.

                Предавањата пред повозрасните карпошани ги спроведе Главниот инспектор во одделението за превенција при СВР – Скопје, Катерина Стојкова, која низ конкретни примери ги запозна граѓаните за повеќе видови на измами и како тие да се заштитат од нив.

                Инаку, работилниците се организираат во неколку групи со времетраење од 60 минути, а учесниците добиваат информации за најчестите методи со кои се служат измамниците. Во таа насока беа презентирани повеќе примери од реални ситуации, како и совети за препознавање на сомнителни знаци и постапки на измамниците. Покрај тоа, учесниците научија како да се заштитат од потенцијално опасни ситуации, како да избегнат злоупотреби и како да ги известат надлежните органи доколку се сомневаат во нелегални дејствија.

                Досегашните несакани искуства говорат дека, измамниците често пати користат лажна ситуација на несреќа или сообраќајна незгода за да манипулираат со луѓето, а најчести жртви на ваквите измами се токму постарите лица. Со овие едукативни активности, Општина Карпош и СВР – Скопје се стремат да изградат заедничка свест за превенција и заштита од измами, кои можат да предизвикаат сериозни последици и економски штети за засегнатите. Оваа иницијатива е важен чекор кон создавање посигурна и поотворена заедница во која сите граѓани, без разлика на нивната возраст, ќе се чувствуваат сигурно и заштитено од евентуални манипулации и криминални активности.