Секторот Инспекторат го објави својот шестмесечен извештај за периодот од 01.01.2023 до 30.06.2023 година. Во изминатиот период во овој Сектор се составени 228 (вонредни редовни и контролни) записници, а инспекторите донесоа и 100 решенија. Во истиот период минатата година биле составени 87 записници и 39 решенија, со што е евидентно дека со дополнувањето на тимот на Секторот со градежен и комунален инспектор, се постигнати високи резултати.

Исто така, вреди да се напомене дека во текот на првите шест месеци, комуналниот инспектор од Општина Карпош заедно со службите на Ј.П. Градски Паркинг – Сектор „Пајак“, отстраниле 93 возила од зелена површина. Инаку, локалната самоуправа и градското јавно претпријатие имаат меѓусебен договор за соработка и по нивните преземени активности,   значително е намален бројот на возила кои паркираат на зелена површина.

Во однос на комуналните редари, Секторот располага со седум овластени лица кои поседуваат службена легитимација, и нивната работа е константна на терен веќе долги години. Притоа може да се констатира дека нивното присуство на терен дава одлични резултати во насока на намалување на бројот на прекршители на законот, при што се забележува опаѓање на  прекршоците кои се однесуваат на Законот за комунални дејности. Оваа година во првата половина комуналните редари составиле 47 прекршочни платни налози и дале 22 опомени по кои е постапено во целост.

Новитет во Секторот Инспекторат се опомените, кои како инструмент веќе години наназад редарите усно ги изрекуваат на странките. Станува збор за утврдување на помала  неправилност која може да биде расчистена брзо и едноставно, без поведување на постапка а истата опомена делува едукативно кон странките кои во голем број и не се запознаени со Законот за комунални дејности и Законот за јавна чистота. Оваа година опомените се даваат по писмен пат и за нив се води само интерна евиденција, пред сѐ со цел, за полесно собирање на информации од граѓаните. Оваа постапка е логична бидејќи, кога граѓаните се опоменати и им е даден рок од неколку часа без казна да постапат согласно Закон, истите многу полесно и без потреба на присуство на полиција се идентификуваат. Овие податоци потоа, доколку не е постапено по опомената, комуналните редари ги користат да издадат прекршочен платен налог. На граѓаните им се објаснува при давање на опомената и барање на идентификација, дека истите податоци подоцна ќе бидат искористени за составување на прекршочен платен налог, доколку не се постапи по опомената. Овие опомени ќе бидат предложени и за измена на Законот за комунални дејности бидејќи на шестмесечно ниво, опомените дадоа неверојатни резулатати при постигнување на крајната цел, а тоа е почист Карпош, наместо сувопарно издавање на прекршочни платни налози.

Тимот на Сектор Инспекторат продолжува да работи и во наредните шест месеци, со цел постигнување на уште подобри резултати и унапредување на инспекциската постапка.

Целиот извештај погледнете го на следниов линк: https://bit.ly/44Ygv4v