ПОДОБРИ УСЛОВИ И МОТИВАЦИЈА ЗА НАСТАВНИЦИТЕ ОД КАРПОШ
- октомври 5, 2021
- 0
Општина Карпош на сите учители, наставници им го честита 5. октомври – Светскиот ден на наставникот. Како локална самоуправа континуирано се грижиме за да обезбедиме подобри услови за работа на просветните работници.
Оваа година, за прв пат спроведовме избор на најдобар наставник. Преку распишување јавен повик, наставниците можеа да аплицираат за најдобар одделенски наставник, предметен наставник и стручен соработник. Основната цел е да се мотивира просветниот кадар, да продролжат да работат на градење на своите капацитети, со што се придонесува и кон подобри и пообразовани генерации на ученици.
Во изминативе две години, додека трае пандемијата од КОВИД – 19, наставниот кадар беше соочен со сериозни предизвици. Поддржани од општина Карпош успеаја да се прилагодат на новото време, да одржуваат онлајн и комбинирана настава. Локалната самоуправа дополнително ги поддржа наставниците со набавка на ИТ опрема, за да имаат подобри и побезбедни услови за работа.
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев денеска го честиташе Светскиот ден на наставниот и во својата честитка порача:
- Верувајте во наставникот, во учителката. Тие поголем дел од денот го поминуваат со нашите деца. Бидете им поддршка, затоа што секое едно дете е „огледало“ на својот родител, но и на својата наставничка. Горд сум што во Карпош има креативни, слободни и професионални наставнички и наставници. Нека Ви е честит денешниот ден, пишува Богоев во својата честитка.