Претставници од Општина Карпош,  денеска присуствуваа на вмрежениот  настан „Физичкото образование и виртуелната реалност во поддршка на децата со аутизам“, која се одржа во салата за седници на Филозофскиот факултет во Скопје. Станува збор за реализација на проектот „Поддршка на учениците со аутистичен спектар на нарушување“ преку физичкото образование.

                Настанот го отвори проф. д-р Владимир Трајковски – претседател на Македонско Научно  Здружение за Аутизам. Во оваа пригода тој се осврна на темата за физичкото образование и виртуелната реалност, во функција на поддршка на децата и младинците со аутистичен спектар на нарушување. Во тој контекст Трајковски говореше и за можните импликации од овој процес, кои би се интегрирале во вид на јавни политики. Во рамки на денешната средба се разгледуваа шест поглавја, преку кои предавачите се запознаа со методите за пристап до учениците со аутизам, кои ќе бидат инволвирани во активности од областа на физичкото образование. Притоа, се анализираа повеќе методи какви што се: мешани/хибридни, практични и неформално учење, како и aнгажирање на учениците со аутизам во групни активности по физичко образование. Присутните добија практични совети како дополнително да ги мотивираат учениците со аутизам да бидат дел од физичко – образовниот процес и на тој начин, преку спортот да бидат подготвени за ангажман во заедницата која се стреми кон поголема социјална инклузивност и соодветна социјалната адаптација.