По иницијатива и организација на долгогодишниот тренер  и претседател на Карате клубот Скопје, Горан Алексовски, а со финансиска поддршка од Општина Карпош, повторно започнува проектот ,,Ѕвездите на Карпош”, наменет за деца со атипичен развој.  Активноста започнува од оваа сабота (07.03.2026 година) со почеток од 9 часот, во салата ,,Партизан”. Алексовски, заедно со тим од стручни соработници имаат за цел да ја поттикнат потребата од физичката активност кај оваа ранлива категорија на деца, како и стимулација на социо-емоционалниот развој, преку друштвени спортски игри.

Имено, целта на проектот е децата да учествуваат во спортски, друштвени и забавни активности. По тој повод, секоја сабота одбраниот стручен тим ќе работи со оваа ранлива група во подобрување на физичката кондиција, правилно дишење, агилност, формирање на здрави навики, како и развој на моторните, а индиректно и на социјалните, емоционалните и интелектуалните вештини.

Проектот ќе продолжи да се реализира во две етапи, ќе ја опфати возрасната категорија од четири до 16 години, а тренинзите ќе се одвиваат од 9 до 10 часот, секоја сабота, а ќе бидат бесплатни и наменети само за жителите од Карпош.