ПОВЕЌЕ ОД ТРИ ИЛЈАДИ ГРАЃАНИ ГО ПОСЕТИЈА SKOPJE MINI MAKER FAIRE
- мај 31, 2019
- 0
На платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се одржува големиот Саем за иновации – „Skopje Mini Maker Faire“, во организација на American Corner – Скопје и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, а со поддршка од Општина Карпош.
На овој саем учествуваа голем број на млади и креативни луѓе кои изработиле одреден производ кој е уникатен и единствен.
Присутните имаа можност да видат smart клупа која работи на сончева енергија, на која можат да седат и да го полнат својот мобилен телефон. Прикажани беа и повеќе роботи, 3Д принтер, машини за пренесување на енергија, производи подготвени од млади иноватори.
Во изјава за медиумите, градоначалникот Стефан Богоев се осврна на значењето на овој настан.
– Денеска Skopje Mini Maker Faire обедини голем број на креативци, иноватори, изработувачи на ракотворби на едно место. Се радувам што гледам голем број на млади умови со кои ние како држава можеме да се гордееме, но и постојано да ги поддржуваме и мотивираме. Живееме во период кога идеите, претприемништвото ииновациите се главни двигатели на сите процеси, но и можност за поголема заработка и ангажирање на младите луѓе на пазарот на трудот. Горд сум што Карпош е домаќин на еден ваков настан, рече Богоев.
Пред претставниците на медиумите се обрати и заменик амбасадорката на САД во нашата држава, Лора Браун, која посочи дека „Skopje Mini Maker Faire“ се организира по втор пат и претставува одлична можност да се презентираат идеите на најмладите. Овие настани дополнително придонесуваат за развивање на различните вештини кај младата популација и промоција на нивните идеи или бизници.
До овој момент саемот го посетиле околу 3 илјади граѓани, а истиот е отворен до 19:00 часот.