Денеска во 11.20 часот, овластениот инспектор за животна средина при Општина Карпош со асистенција на полиција го запечати угостителскиот објект „Сокаче“. После девет  мерења и константно надминување на максимално дозволеното ниво на бучава, како и постојаните поплаки од граѓаните, Општина Карпош ги исцрпи сите законски можности за предупредување на сопствениците и пристапи кон т.н. „пломбирање“ на објектот , односно забрана за работа согласно член 52, став 5 од Законот за бучава.

 

По секојденевните пријави што пристигнуваа до Општина Карпош во врска со зголеменото ниво на бучава, односно, пореметување на јавниот ред и мир на граѓаните од ул. „Драган  Ѓаконовски –Шпато“ и од зградите на околните улици, овластениот инспектор за животна средина при Општина Карпош започна постапка  и изврши инспекциски надзор  на 14.01.2016 год., 15.01.2016 год., 16.01.2016 год. во кои е извршено мерење во ноќните часови на ниво на бучава  од угостителскиот објект „ШПАТО СОКАК“ ДООЕЛ, лоциран на ул.„Драган Ѓаконовски –Шпато“ бр.3 за кои има и записник. Мерењата на Општина Карпош на самото место го извршуваше фирмата „ЕУРОМАК КОНТРОЛ“ ДООЕЛ од Скопје.

       

Врз основа на добиените резултати од извршените мерења до Општина Карпош, доставен е извештај со заклучокот дека е нарушен мирот на граѓаните од штетна бучава. Според тоа, се констатира дека добиените вредности го надминуваат максимално дозволеното ниво  на бучава.

       

При повторна пријава од граѓаните,  извршени се мерења на ниво на бучава на 29 и 30.01.2016 година. И во овој случај, резултатите од мерењата покажаа дека повторно има надминување на максималното дозволено ниво. Извршени се и мерења и во месеците февруари и март, во два наврати, (два дена) и според повторно добиените вредности од мерењата, констатирано е  надминување на максималното дозволено ниво .

     

При сите  девет мерења во изминатиот период, согласно Законската регулатива, овластен инспектор за животна средина доставуваше прекршочни платни налози за сторен прекршок  во висина од 225 евра за правниот субјект и одговорното лице 67,5 евра .

      Истите беа испраќани и примени од правниот субјект, но во законскиот рок од осум дена тие не беа платени, поради што овластениот инспектор на Општина Карпош поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до прекршочната комисија при Министерство за животна средина.

Поради тоа, овластен инспектор за животна средина  на Општина Карпош, поради константно надминување на бучава во животната средина донесе е Решение за забрана за вршење на дејност и истото се спроведе со асистенција од МВР.

     За сите преземени дејствија од страна на Општина Карпош, правниот субјект „ШПАТО СОКАК“ ДООЕЛ е известен согласно Законот за бучава во животна средина.