„ПЕДАЛА“ – СОЦИЈАЛЕН ВЕЛОСИПЕДСКИ ЦЕНТАР ВО КАРПОШ
- август 30, 2018
- 0
Во Општина Карпош, вчера се отвори Социјалниот велосипедски центар „Педала”, во урбаната заедница Тафталиџе, на ул. „Њуделхиска” бр. 4 (во близина на Педагошка). Станува збор за центар кој го поттикнува користењето на велосипедот како превозно средство. Во „Педала”, граѓаните можат да донираат велосипеди кои не ги користат, а подоцна истите ќе бидат обновени и донирани на луѓе – корисници на ова превозно средство.
Центарот ќе располага со адекватен алат за санирање на оштетените велосипеди, а наскоро ќе се организираат и образовни работилници за љубителите на велосипедизмот. Општина Карпош го поддржува велосипедскиот центар, со цел да се развие вело-културата на едно повисоко ниво.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, на вчерашното отворање на центарот, им посака на основачите успешна работа и партнерски однос со Општината, за реализација на заеднички настани и зголемена промоција на велосипедот како средство кое ја заштитува животната средина.
„Педала” ќе функционира на принцип на плаќање на членарина од 1.200 денари на годишно ниво, а студентите имаат попуст од 50%. Основањето на велосипедскиот центар е помогнато со финансиска поддршка од Европската комисија, како и од „Смарт Старт“, проект на Центарот за истражување и креирање на политики.