Во периодот од 2012 до 2014 во општина Карпош се изградени 244 енергетско ефикасни објекти. Од нив 117 се од А и Б класа, што значи дека трошат помалку од 50 киловатчасови енергија на квадратен метар, а од нив 68 користат и обновливи извори на енергија.

 

Ваквиот пример на инвестирање во енергетско ефикасни објекти го следат и граѓани и фирми кои во изградбата на своите индивидуални и колективни домови, користат материјални со кои се постигнува енергетско-ефикасна заштита на објектот. Токму ова беше повод, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски да свика прес конференција и официјално да им ги врачи првите пет решенија на граѓани кои изградиле најдобри енергетско-ефикасни објекти,  со што  до 20 % од уплатените средства за комуналии, ќе им бидат вратени назад.

 

–                    Со ова правиме пионерски потег, кој сакаме да биде пример и поттик за останатите локални самоуправи, но и за Министерството за економија и Министерството за екологија, да ги поддржуваат објектите со енергетско-ефикасна заштита. Ние први донесовме Правилник за енергетска ефикасност, врз основа на кој се дава согласност и одобрение за изградба на вакви објекти, но во исто време, со него се предвидува враќање на  дел од средствата уплатени за комуналии, на објекти изградени со ваков тип на енергетска заштита. Во зависност од тоа каква изолација имаат вградено објектите, какви прозори имаат ставено, дали се тие енергетско-ефикасни, со низок коефициент на пропустливост на топлина, дали користат обновливи извори на енергија, и натаму какви потрошувачи имаат внатре во самиот објект, следи и процентот на поврат на таксите платени од локалната власт, образложи првиот човек на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

 

Понатаму, тој напомена дека според Правилникот од 2012 до 2015 година, Карпош има 117 енергетско-ефикасни објекти, од кои 68 користат и обновливи извори на енергија, што  претставува големо задоволство за Општината. Поради тоа денес им се врачуваат првите пет решенија за поврат на комуналии на граѓаните кои изградиле индивидуални или колективни домови со енергетска заштита.

-Морам да напоменам, рече Јакимовски дека нашите стручни служби, веќе во банките ги префрлија утврдените средства, со што истите, инвеститорите ќе може да си ги подигнат уште утре. Ова треба да биде поттик до останатите инвеститори во Општина Карпош да градат објекти со ваква енергетска заштеда, со што на крајот од својата инвестиција веднаш ќе може да вратат дел од своите средства, рече Јакимовски.

 

Општина Карпош е потписник на Конвенцијата ,, 20-20-20’’, со што до 2020 се постигнува 20 % намалување на штетни гасови во атмосферата, 20 % обновливи извори на енергија и 20 % намалување на потрошувачката на енергија. Истото тоа го имплементираме и кај објектите кои се под ингеренции на локалната самоуправа, како што е општинската зграда, училиштата и градинките. Во оваа пригода им беа врачени вакви решенија  на приватни инвеститори физички и правни лица и тоа на: Ристо Цицонков, на Максимилијан Жвеглич и Наташа Атанасоска – Жвеглич, Розалинда Крстовска- Дугановска и Татјана- Поповска – Крстевска , Лилјана Ковачева, Антон Кајтази,  Дејан и Игор Кимовски кои се пример на граѓани кои изградиле вакви енергетски -ефикасно објекти.

 

На фирмата „Хрисинг“, продолжи Јакимовски, со задоволство и го врачувам решението, бидејќи е долгогодишен инвеститор во нашата општина, и се надевам дека ќе ги поттикнете и вашите партнери да инвестираат во градење вакви енергетски објекти.

 

–                                            Сакам да знаете дека нашата општина Карпош, е прва општина на територијата на Град Скопје која веќе две и пол години има изготвено проект за гасификација, и имаше формирано претпријатие за изградба, но Владата на Република Македонија донесе закон со кој го  утврди единствено Градот Скопје, надлежен за  гасификацијата. Во секој момент чекаме да се изготви проектот, со кој ќе може да се гасифицираат домовите, и граѓаните масовно да го користат овој енергенс, со што ќе заштедуваат значителни средства од својот буџет за греење и ладење, заврши на крајот со своето излагање првиот човек на Карпош, Стевчо Јакимовски.